СДСМ: Се потврди дека аферата „Криминални парцели“ тешка 1,5 милион евра е поврзана со ВМРО-ДПМНЕ

Се потврди дека големата афера „Криминални парцели“ за проневера на 1,5 милиони евра е поврзана со ВМРО-ДПМНЕ, белиот дворец и Христијан Мицкоски, велат во реакција од СДСМ, откако Јавното обвинителство поднесе истражна постапка за седумте осомничени во случајот за продажба на ниви во Делчевско, а за кои дел од медиумите јавија дека меѓу уапсените се и В.И. – телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и Д.Т. – поранешен советник од оваа партија во Општина Делчево.

„Сите информации што излегоа во јавноста и ги пласираа медиумите уште пред неколку месеци јасно укажуваат на организирана криминална акција, преку измама и проневера на парцели во Делчевско. Речиси сите осомничени лица во аферата ‘Криминални парцели’ се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“,

 

велат од СДСМ.

Еден од осомничените, односно извесен Влатко Илиевски, како што додаваат од партијата, е телохранител на Мицкоски, со договор вреден 500 000 евра или половина милион евра.

 

Во реакцијата од СДСМ додаваат оти според јавно достапните информации во медиумите се укажува дека Илиевски на сомнителен начин ги продал парцелите од речиси 40 000 квадратни метри, но оти тој не ги купил туку ги добил на подарок.

 

„Осомничен за кривично дело измама во службата е и Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, осомничен е и Мирослав Митовски, син на ексградоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров. Дарко Тодоровски, поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево е исто така осомничен во оваа афера“,

 

стои во реакцијата од партијата.

Сите овие луѓе, додаваат од СДСМ, освен што се осомничени за криминал, се луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и блиски на Мицкоски.

„Клучно прашање е каква е улогата на Христијан Мицкоски во оваа афера? Јавноста очекува одговори, одговорност и целосно расчистување на оваа афера – велат од СДСМ и додаваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не врши притисок врз институциите туку да ги остави да ја расчистат аферата, а сите што го прекршиле законот да одговараат.

Претходно денеска Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрга против седумте лица осомничени во случајот со продажба на ниви во Делчевско, а против кои вчера беа поднесени кривични пријави од страна на финансиската полиција.

 

Од седумте лица, како што наведуваат од ОЈО, за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – измама во службата, а другите петорица се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.

Инаку, се работи за случај за кој лани во ноември објави „360 степени“, а во кој се работи за ниви во Делчевско што ги купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што им ги продале нивите на компаниите ги добиле на подарок само три недели претходно.

 

Back to top button
Close