СДСМ: Шокантно е тоа што за Владата прашањата за безбедноста и мирот не се доволно важни за лидерска средба

Според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), шокантно е тоа што Владата е со став дека прашањата за безбедноста, мирот и иднината на нашата држава не се доволно важни за лидерска средба.

Реакцијата од СДСМ доаѓа откако денеска владината портпаролка Марија Митева рече дека Владата не гледа објективни причини за барањето на СДСМ за лидерска средба.

„Шокантно е што Владата и Митева излегуваат со став дека прашањата за безбедноста, мирот и иднината на нашата држава не се доволно важни за лидерска средба, особено во услови кога секојдневно има нови вооружени инциденти на улиците и растечки тензии со подгревање на меѓуетничките односи“,

се вели во попладневното соопштение од СДСМ.
Од опозициската партија, потсетувајќи на инцидентот што вчеравечер се случи во Чаир кога имаше пукање, како и за запалените возила и дуќан во Куманово, велат дека ова се дел од над 25 инциденти со огнено оружје што се случиле во изминатите неколку месеци.

„Од друга страна, се случија сериозни инциденти со палења на македонското државно знаме, деца во униформи во училишта, повици за реваншизам и дополнителни тензии. Сериозно се подгреваат страстите кои влијаат на влошување на меѓуетничките односи, а кои се темел на стабилноста на земјата“,

велат од СДСМ од каде што додаваат дека е неопходно сите релевантни политички чинители да преземат одговорност за смирување на растечките тензии и обезбедување стабилност.
Од партијата, упатувајќи прашање до Владата „дали е нормално премиерот да не гледа потреба за лидерска средба во ваква сериозна состојба“, велат дека е потребен итен политички дијалог за да се надмине тековната криза.

„Одбивањето на иницијативата за лидерска средба го засилува сомнежот за политичка калкулација и испраќа опасна порака – дека некои политички фактори во власта имаат интерес од продолжување на тензиите“,
додаваат од СДСМ.

Откако во саботата од СДСМ побараа одржување лидерска средба, за која велат дека е потребна по минатонеделните тензични ситуации при прославата на Денот на албанското знаме, денеска Митева рече дека како Влада не ја гледаат објективноста на барањето за лидерска средба.

Таа ги повика од опозициската СДСМ да достават официјално барање за лидерска средба, а потоа рече дека тоа ќе биде разгледано и и ќе се одлучи за него.

Ставот дека е потребна лидерска средба вчера, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го повтори и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„За жал гледаме дека секојдневно расте и националистичката реторика и се случуваат инциденти, тоа е нешто што сериозно нè загрижува и иако ДУИ најави интерпелација за министерот Панче Тошковски, ние сме на став дека треба да се организира лидерска средба зашто меѓуетничките односи не се работа која треба да се адресира или менаџира со правни инструменти како интерпелација“,рече Филипче.
Интерпелацијата на Тошковски, која ја најави ДУИ, нема да донесе ништо добро, туку со остра реторика во Собранието може да се влоши состојбата, одговори претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на прашањето зошто неговата партија бара лидерска средба и вели дека нема да ја поддржат најавената интерпелација.

И премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема потреба од одржување лидерска средба за стабилноста на државата.

„Не сум размислувал, но деновиве што се пред мене ќе размислувам на таа тема и доколку навистина има аргументи што одат во таа насока, зошто да не. Но не гледам причина за такво нешто во моментов, вака ако гледам објективно“,
рече Мицкоски

Back to top button
Close