СДСМ: Сиљановска наместо да ги брани државните интереси, повторно е мегафон на ВМРО-ДПМНЕ
Соопштение на Сдсм:
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневнополитички ставови.
Наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии.
Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски.
СДСМ ја предлага резолуцијата со цел државата конечно да заземе единствен и јасен став по прашањата поврзани со европските интеграции и преговорите со ЕУ. Таков пристап не само што е легитимен, туку е и неопходен – ако сакаме да ги заштитиме државните интереси и достоинството на граѓаните.
Претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник. Но од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици.
СДСМ останува посветен на патот на ЕУ и ќе продолжи да работи за консензус. Но нема да молчи пред деструктивноста на една претседателка која повеќе личи на говорник на митинг, отколку на државник.