СДСМ: Скопскиот маратон беше срамно злоупотребен од Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ

Отворањето на „Визер скопскиот маратон“ од Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, за градоначалник на Скопје, според СДСМ е злоупотреба на овој настан во предизборни цели.

Од партијата велат дека на отворањето биле и 17 други кандидати за изборите.

Од СДСМ прашуваат во кое својство и зошто токму Орце е одбран да го отвори маратонот, кога тој, како што велат, нема никаква врска со него.

Според СДСМ, одговорот за ова е јасен и додаваат дека тоа е дел од „валканата кампања и злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Неговиот партиски другар од Министерството за спорт, Борко, решил да му потпомогне на Орце во изборната трка и да го го претстави како голем љубител на спортот кој го отвора Скопскиот маратон“, се вели во соопштението од СДСМ.

Од партијата велат дека станува збор за дрско кршење на изборните правила и ги потврдува лажните заложби на ВМРО-ДПМНЕ за фер кампања.

Во соопштението се додава дека партијата за оваа „злоупотреба“ ќе ги извести сите надлежни што се задолжени за следење на кампањата.

„И една порака до уплашеното ДПМНЕ, дајте барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, народот слободно оставете го да одлучува“, се додава во соопштението.

 

Back to top button
Close