СДСМ: Со оставките ДУИ го стави државниот пред партискиот интерес, на потег е Мицкоски
Од владејачкaтa СДСМ сметаат дека со условените оставки што денеска ги поднесоа министрите на ДУИ, оваа партија покажала одговорност кон врвната стратешка цел – европската иднина на земјата и граѓаните
Велат дека сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба донесе одлука, неговите пратеници да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат
Сите министри во Влада од редовите на ДУИ поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, кои ќе се ефектуираат веднаш откакако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за усвојување на уставните измени. Ова попладнево го соопшти владејачкиот СДСМ.
Од партијата велат дека ДУИ го ставиле државниот пред партискиот интерс и дека ДУИ покажале одговорност кон врвната стратешка цел – европската иднина на земјата и граѓаните.
„Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ. Големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност. На потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во белата палата“велат од СДСМ.
Велат дека членството во ЕУ е врвна стратешка цел. Според нив тоа не е борба за власт, туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи.
„Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина. Со глас за Европа во македонското Собрание, Мицкоски и ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, наместо да ја одвојуваат македонската од европската агенда, да ја поддржат. Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. Мицкоски мора да донесе одлука и да преземе одговорност, глас за ЕУ или изолација“повикуваат од партијата.
Инаку, денеска сите министри и останати функционери на ДУИ во Владата поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, но тие ќе важат од моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени. Веста ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети од Тетово.