СДСМ: Тепачка за фотелји и бизниси – реконструкцијата ја доведува власта до војна на кланови
„Тендер коалицијата на Христијан Мицкоски се распаѓа пред очите на граѓаните. Наместо Влада којашто работи за интересот на граѓаните гледаме отворена тепачка за фотелји, позиции и бизниси, која се заканува да премине во вистинска војна меѓу криминалните кланови.

ЗНАМ, партијата која беше создадена и финансирана од Мицкоски, повеќе не постои. Преостанати се само двајца – Максим Димитриевски и Горан Минчев, кои сега се во директна борба за влијанија“ соопштија од СДСМ.
Велат „Димитриевски има свој човек и го сака Министерството за земјоделство а од друга страна Минчев не го сака Министерство за земјоделство, бидејќи знае дека таму парите се скратени а земјоделците се крајно незадоволни. Филков сака да остане на позицијата министер за правда, за да може да ја контролира правдата, да ги спречува истрагите и да ги спроведува планираните тендери“.
„Стравот од одговорност и од идни истраги е оној што го тера да се држи до Министерството за правда по секоја цена.
Мицкоски, во меѓувреме, бара изговор за предвремени парламентарни избори. Буџетот е празен, а можностите за ново задолжување се исцрпуваат. Не може да си дозволи да не ги исплати пензиите. Затоа ќе се обиде да се задолжи до максимум, а кога повеќе нема да може – ќе побара излез преку избори. Досега не успеа да добие алиби од опозицијата. Сега се обидува да го добие од некој од своите сателити, но и тие знаат дека таков потег ќе ги етикетира како соучесници во политичка манипулација“ велат од СДСМ.
Потенцираат „Ова е слика на една организирана криминална група која се распаѓа одвнатре. Кога нема резултати, кога нема пари, а стравот од истраги расте – тогаш започнува тепачка за фотелји и за контрола над институциите кои можат да ги заштитат од одговорност. Ова не е борба за подобра Влада. Ова е борба за опстанок на криминална структура која се распаѓа“.






