СДСМ: Тошковски како министер за полиција се занимаваше со хиперхлорирање, а сега станува „експерт“ за анализи на вода

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски до вчера се занимаваше со хиперхлорирање на водата во Гостивар, а денеска најави нејзини почести анализи, велат попладнево од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ). Оваа реакција следува откако Тошковски на прес-конференцијата по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи соопшти дека водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка, најавувавајќи дека надлежните институции ќе го зголемат континуитетот на мерењето.

За да се прогласи водата за исправна, рече дека ќе бидат потребни три последователни позитивни резултати од сите мерни точки.

 

 

„Министер за полиција ќе ја проверува водата? Каде е министерот за здравство, Клековски? И тој е екскурзија како Мицкоски? Што работеа досега? Зошто дури сега најавуваат анализи?“,

 

прашуваат од партијата.

Оттаму велат дека нема место во светот каде министер за полиција што до вчера се занимаваше со хиперхлорирање, денеска станува „стручњак“ за анализи на вода.

Според СДСМ, водата во Гостивар е прогласена за технички исправна без официјален документ и без потпис од надлежните институции, а никој не презел одговорност за таквата одлука.

„Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вчера јавно потврди дека има бактерија. Повторно се врши хиперхлорирање. Кога се прави хиперхлорирање, водата не е за употреба ниту за капење. Граѓаните сè уште ги мијат садовите и се капат со вода што содржи опасна бактерија. Сè ова се случува само да се спаси лажната изјава на Мицкоски“,се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ сметаат дека обвинителството треба да покрене кривична одговорност против премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за свесно загрозување на здравјето на граѓаните на Гостивар.

Претходно од партијата соопштија дека поради состојбата со водата пациенти од Гостивар за операции и породување се упатуваат во тетовската болница.

Министерот рече дека неговите информации се оти болницата во Гостивар е целосно оперативна.

„Немам добиено информации дека има недостиг од каков било тип материјали или услови што се нужни за болницата да може да функционира во рамки на капацитетот што е потребен. Но, ќе ја проверам информацијата и доколку добиеме поинакви информации ќе ве известиме за она што се презема или ќе се презема“,рече Тошковски.

По состанокот на Главниот штаб за управување со кризи е соопштено дека водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка.

На прес-конференцијата е посочено и дека во одреден број примероци е констатирана бактеријата Pseudomonas, која најчесто се јавува како биофилм во цевководниот систем од застоена вода поради претходно некористење на водата, ниту за пиење ниту како техничка.

 

 

Back to top button
Close