СДСМ: Уште само еден ден до неисполнување на ветувањата на Мицкоски за Реформската агенда

Со доаѓањето на 1 јуни, утре ќе се потврди уште една лага на премиерот Христијан Мицкоски, обвинува СДСМ. Оттаму велат дека иако Мицкоски најавил спроведување на Реформската агенда и обврските за продолжување на европскиот пат на државата, сепак се работи за уште едно неисполнето ветување.

„Уште еден ден до уште едно неисполнето ветување на Мицкоски, до уште една потврдена лага. Реформи нема, нема ниту документи за екстрадиција на Никола Груевски и негово враќање во затвор. Го има само Стоилковиќ и Кина, кој стратешки работи против стратешкиот партнер САД. Мицкоски ги излажа граѓаните за враќањето на името, ги излажа за поништувањето на Преспанскиот договор, ги излажа дека македонскиот јазик, идентитет и култура се загрозени, а денес ги лаже и за Реформската агенда. За две години власт, од десетте точки од Реформската агенда, реализирани се само две и тоа нецелосно. Незавршена останува и клучната обврска – внесувањето на малцинствата во Уставот, чекор без кој Македонија не може да продолжи напред кон Европската Унија“, велат од СДСМ.

Дополнуваат дека без исполнување на оваа обврска нема отворање на следните поглавја, нема да има напредок во преговорите, нема пристап до нови европски можности и фондови, нема забрзан економски развој и подобар животен стандард за граѓаните.

„Мицкоски нека ги внесе малцинствата во Уставот или нека излезе пред граѓаните и искрено да признае дека не сака членство во Европската Унија. Мицкоски и ВМРО ја туркаат Македонија кон изолација затоа што се плашат од европските стандарди, од независното судство, од Европското јавно обвинителство и од одговорноста за криминалот и корупцијата“, реагираат оттаму.

Инаку, земјава требаше да исполни 16 реформски чекори до јуни 2025 години. Од нив досега исполнети се шест, а крајниот рок за исполнување на останатите 10 истекува во јуни годинава.

„Водата навира од различни страни“, рече за „360 Степени“ шефот за соработка во Делегација на ЕУ во земјава Штефан Худолин, симболично опишувајќи ја ситуацијата во која земјава ги брка последните рокови за заостанатите задачи во време кога треба да ги исполнува редовните.

Власта, пак, е оптимист дека ќе исполни најголем дел од заостанатите задачи и уверува дека работи на новите. Аргумент е последниот извештај на ЕК, според кој Македонија сработела најмногу на планот на Реформската агенда во второто полугодие на 2025 година, споредено со своите соседи.

Ако се земе предвид целиот процес од самиот почеток, Македонија е трета со тренд да го намалува заостатокот зад водечките Црна Гора и Албанија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close