СДСМ: Владиниот генерален секретар Игор Јанушев е поврзан со фирма во Бугарија

Партијата ги повика надлежните институции да отворат предмет за случајот, додавајќи дека за давање лажни податоци за имотната состојба на функционерите им се заканува затворска казна од шест месеци до пет години. Оттаму прашуваат и дали Јанушев ќе поднесе оставка додека трае истрагата за неговата компанија во Бугарија

Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е поврзан со компанијата „Флугбан транс“ со седиште Ќустендил, Бугарија. Дејноста на фирмата, како што велат од СДСМ, е патен линиски превоз на стока, управител е Кире Гешоски, а третиот партнер е Сашо Апостоловски.

 

 

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ / Фото: СДСМ

Оттаму обвинија дека Јанушев во ниту еден од своите анкетни листови поднесени до Државната комисија за спречување корупција нема наведено дека е поврзан со фирма во Бугарија која во случајов, како што додаваат од СДСМ, пријавува годишен промет од околу 320 000 евра и нето-добивка под 10 000 евра.

 

„Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, има бугарски пасош, односно е бугарски државјанин. Прашањето кое треба да го одговори на кои бугарски корени се повикувал Јанушев? Сега излегуваат информации дека е поврзан и со фирма во Бугарија. Тука е суштината на скандалот кој бара институцинална истрага и постапка. Зошто Јанушев не го пријавел бугарскиот капитал?“,велат од СДСМ.

Партијата ги повика надлежните институции да отворат предмет за случајот, додавајќи дека за давање лажни податоци за имотната состојба на функционерите им се заканува затворска казна од шест месеци до пет години. Оттаму прашуваат и дали Јанушев ќе поднесе оставка додека трае истрагата за неговата компанија во Бугарија.

„Ова е дел од пошироката слика за лицемерието и лажниот однос на владата на Мицкоски кон граѓаните. Додека Мицкоски и неговите најблиски соработници имаат бизнис-интереси во Бугарија, истовремено ја блокираат европската интеграција на Македонија“,коментираат од СДСМ.

Back to top button
Close