СДСМ: Владините авиони на Хрватска, Словенија и Црна Гора се постари од македонскиот

Владините авиони на Хрватска, Словенија и Црна Гора се постари од македонскиот – реагираат од опозицискиот СДСМ откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска рече нашиот државен воздухоплов нејзините колеги од регионот го нарекуваат „авиончето на браќата Рајт“ бидејќи е најмал и најстар.
„Поради пуста желба за поголем и нов авион за луксузирање, Сиљановска кажа дека колеги претседатели ја коментирале староста на македонскиот владин авион и велат бил од времето на браќата Рајт. Староста на владиниот авион во Македонија е околу 20 години. Хрватскиот владин авион е постар – 27 години, словенечкиот исто така, 23 години, а двете земји се членки на ЕУ. Црногорскиот владин авион е исто така постар, 27 години“,
велат од СДСМ.
Освен за состојбата на воздухопловите во земјите од регионот, опозициската партија во соопштението наведува дека просечната старост на флотата на една од најголемите авиокомпании во САД – „Јунајтед ерлајнс“ – е 15,4 години. Најстариот авион на оваа авиокомпанија, пак, како што наведуваат, има 35 години, а околу 250 авиони се стари помеѓу 25 и 30 години и секојдневно летаат и извршуваат комерцијални летови низ Америка.
„Но, Гордана Сиљановска вели дека браќата Рајт користеле ‘лир џет’. Неа ѝ е ‘стар’ авионот, па мора нов – и тоа поголем. За Мицкоски ни е јасно, купил Вучиќ нов авион, па мора и тој. Или го болат колената. Можеби и Гордата Сиљановска ја болат колената? Поради луксуз на грбот на граѓаните, сите во ВМРО ги болат колената“,
додаваат од СДСМ.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска изјави дека нејзините колеги од регионот го нарекувале македонскиот владин авион „авиончето на браќата Рајт“ бидејќи е најмал и најстар. Рече дека иако постои дилема поради безбедноста, тој често е единствениот избор за функционално извршување на задачите. Набавката на понов, поголем и побезбеден авион, според претседателката, би била долгорочно порационална инвестиција.






