СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ со Силјановска-Давкова нудат враќање назад во изолација

Не знам како не им текна на техничкиот премиер да му постават заменски, однесувањето му е султанско. Се прашувам дали навистина може да гарантира фер и демократски избори, но затоа се тука демократските камшици од ВМРО-ДПМНЕ, кажа Силјановска-Давкова

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова чија претседателска кандидатура ќе биде потврдена на денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор порача оти живееме во политички систем со пореметена рамнотежа на трите власти во корист на Владата, односно премиерски систем.

„Не знам како не им текна на техничкиот премиер да му постават заменски, однесувањето му е султанско. Се прашувам дали навистина може да гарантира фер и демократски избори, но затоа се тука демократските камшици од ВМРО-ДПМНЕ“,кажа Силјановска-Давкова.

Таа смета дека проблематично е што препознава сталинистички елементи или култ кон личноста кон некои партиски лидери. Порача дека претседателот треба да се однесува натпартиски, да едуцира, да обединува, да биде проактивен и да почитува соработка и мирно решавање на споровите. Силјановска-Давкова вели дека ја доживува Македонија како една преумна, храбра, образована, културна жена.

„Што мислам јас дека треба да направи еден иден претседател, односно претседателка. Прво, да состави еден експертски тим на врвни професори по уставно право, не само одовде, ами и од странство, по примерот на Франција еве, за да го проучи Уставот во однос на генерирањето проблеми во уставниот поредок со кои се соочуваме, затоа што тоа е единствениот пат. Може да е и во уставната комисија, која замислете не одржа ниту една седница, е тоа е уставната македонска демократија… Изборите се пред нас, ВМРО-ДПМНЕ, коалиционите партнери овие четири години вредно работеа, докажаа дека се единствената можна европска алтернатива“рече Силјановска-Давкова и порача дека претседателката не смее да биде поданички настроена кон меѓународната заедница – ниту арогантна кон домашната јавност.

Од СДСМ денеска порачаа оти ВМРО-ДПМНЕ со Силјановска-Давкова нудат враќање назад во изолација, далеку од Европската Унија.

Портпаролкaта на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција рече дека на претстојните претседателски и парламентарни избори граѓаните имаат шанса да го изберат правецот на државата.

„Она што го нудат Мицковски и ДПМНЕ заедно со Силјановска е да се откажеме од иднината. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е само да се погледне што се случи во Скопје. ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, не донесе никаква реформа, само катастрофа. Ист е примерот и со предлогот за претседателски кандидат на опозицијата во ликот на Давкова. ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени затоа што единствената шанса за Македонија е членството во ЕУ – а тие се против тоа. Со ДПМНЕ нема ЕУ ниту за 100 години. Изборот пред граѓаните е јасен. Напред по европскиот пат на напредокот со СДСМ или назад во изолација со ДПМНЕ“,кажа Кузеска.

Back to top button
Close