СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ троши општински пари за финансиски да поддржува лица осудени за тероризам
Општина Битола вчера одлучи да им даде по 10 000 денари помош на семејствата на осудените за организираниот насилен упад во Собранието на 27 април 2017 година
Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола да им се додели финансиска помош на партиски членови и роднини на осудените лица за 27 април е злоупотреба на пари на граѓаните на Општина Битола, реагираат од владејачкиот СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица троши народни, општински пари за финансиски да поддржува лица осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок, лица кои се обидоа да убиваат пратеници, новинари и вработени во Собранието. Додека ги покачува цените на услугите за граѓаните, додека долгорочно ги задолжува општините, ВМРО-ДПМНЕ парите на граѓаните ги дели на партиски членови. Ова е чиста злоупотреба на народните пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“,велат од СДСМ.
Оттаму додаваат: „27 април е најцрниот датум во современата македонска историја, настан во реализација на ВМРО-ДПМНЕ, настан за кој низ судска, отворена постапка се изречени ефективни затворски казни за виновниците“.
Општина Битола вчера одлучи да им даде по 10 000 денари помош на семејствата на осудените за организираниот насилен упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Оваа иницијатива ја поднесоа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а освен нив, „за“ гласаа и двајцата нивни колеги од Левица. СДСМ и коалицијата, како и советниците од „Поинаку“, не присуствуваа на седницата.
Општина Битола ќе им даде по 10 000 денари на семејствата на осудените за „27 април“, СДСМ обвини за злоупотреба на парите