СДСМ во Собранието поднесе закон за минимална плата од 600 евра за работниците


Опозициската СДСМ денеска во Собранието официјално го поднесе предлог-законот за изменување на Законот за минимална плата, со кој се бара најниската плата во државата да изнесува 36 960 денари или 600 евра.

Во образложението, од СДСМ го посочуваат континуираниот раст на инфлацијата во текот на 2025 година. Според партијата, зголемените трошоци за живот директно влијаат врз месечните трошоци на домаќинствата, особено кај основните прехранбени производи, енергентите, комуналните и здравствените услуги.

Предлогот доаѓа како одговор на барањата на работниците и синдикатите за итно зголемување на примањата.

„Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата“,велат од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, постојано укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.

Според пресметките на СДСМ, финансиските импликации за реализација на ова зголемување се во износ од 7 500 000 000 денари.

За овој предлог-закон од СДСМ велат дека очекуваат поддршка од сите парламентарни партии.

Инаку, денеска од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најавија дека од следната недела ќе почнат со блокади и оти први на удар ќе бидат пратениците бидејќи, како што рече претседателот Слободан Трендафилов, тие ги блокирале цела година, го чувале законот во фиока и не сакале да им ги зголемат платите на работниците.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close