СДСМ врти нова страница
На предлог на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заменик- претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор вчера поднесоа оставки до Централниот одбор и до партискиот претседател, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ. На една од наредните седници на Централниот одбор, Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата, а за функциите ќе се бираат најкомпетентни личности“, се наведува во партиското соопштение.
Една од првите оценки за овој чин дојде од поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој на последните локални избори не беше кандидиран од партијата за нов мандат. Тој го замрзна членството во СДСМ, а партијата по 20 години доминација во Струмица доживеа пораз на локалните избори.
„Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството“, коментираше тогаш Костадинов, со став дека тоа ќе овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа.
Сега ја поздравува одлуката за навестените промени.
„Како замрзнат член, сметам дека иако дел од претходните одлуки на раководството на мојата СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движeње напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“, напиша Костадинов на неговиот профил на Фејсбук.Тој и претходно изразуваше оценки дека „СДСМ може и мора да помине низ сериозен филтер, реформи и ребрендирање кои ќе овозможат да остане втората најсилна партија во Македонија“.
Долгогодишни членови на партијата исто така ја поздравуваат одлуката, но се воздржуваат од проценки пред да ги видат промените.
Повици за враќање на вредностите на социјалдемократијата
„Ајде прво да му дадеме шанса на процесот, да видиме кои и какви кадри ќе го понесат знамето на промените. Зашто и по поразот на парламентарните избори имаше речиси идентични најави за ‘нови лица, нова енергија и освежувања’, но од тоа немаше ни ефекти ни резултати. Се надевам дека на седниците на партиските органи нема да изостане прашањето и за идеолошкиот компас на партијата. Реформа на партијата не е можна без враќање на вредностите на социјалдемократијата“, вели поранешен партиски функционер.
Други се надеваат дека при изборот на кадри кои треба да ја повлечат партијата напред „нема повторно да се прават компромиси со фаворизирање на кадри на овој или оној“, нешто што било видливо во изминатиот период и не донело никаква додадена вредност за партијата, туку само штета.
Анализа на грешките
Пред вчерашниот бран оставки, прва од функцијата се повлече потпретседателката Ана Чупеска, уште пред вториот круг од локалните избори. Најави дека причините за оставката ќе ги образложи пред органот што ја избрал – Централниот одбор.
Како што претходно изјави за ДВ, во таа пригода низ една политичко-социолошка анализа и од поширока перспектива ќе се осврне на изборниот резултат и ќе даде нејзини согледувања – кои се структурните недостатоци, како да се реформира партијата и кои се можни решенија за перспективите на СДСМ.
Потоа оставка си даде и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров на СДСМ и претседател на општинската организација на партијата, Костадин Ацевски.
„СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива “, рече тој и изнесе личен став дека е правилно и потребно и лидерот Филипче и целото раководство на СДСМ да поднесат оставка.
„Не само поради лошите резултати, туку и поради начинот на кој дејствуваше СДСМ во изминатиот период“, порача Ацевски.
Партискиот претседател, кој оцени дека „и за пораз и за победа одговорноста никогаш не е на еден, секогаш е колективна“, во повеќе наврати повтори дека нема да поднесе оставка и дека тој ќе го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ. Најави дека ќе се работи и на проширување на опозициската платформа, бидејќи една од лекциите што ги научиле од локалните избори е дека е потребен поширок и посилен фронт за да се спротивстават на владејачката партија.
Но, пред тоа, следи процес за избор на кадри кои имаат најдобар капацитет да ја спроведат програмата на партијата.
„Веќе разговарав со добар дел од луѓето, не би шпекулирал со имиња, меѓутоа не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите и во делот на раководството на партијата на ниво на потпретседатели и во делот на Извршниот одбор“, рече Филипче вчера во гостување на ТВ Телма.
Резултатот од локалните избори го смета за мотив за напорна и интензивна теренска работа во следниот период.
„Имаме тимови коишто ќе се впуштат во силна и многу интензивна теренска работа. Ќе се впуштат во изнаоѓање на нови членови коишто практично ќе знаат премин на генерациите во СДСМ од една во друга генерација, нова сила, нова енергија“, најави претседателот на СДСМ.
Консолидација на СДСМ: Потреба од искрени и квалитетни кадри
Членови на партијата сметаат процесот на консолидација ќе бара повеќе време и најважно – избор на искрени и посветени кадри.
Потенцираат дека само квалитетни кадри може да станат „јадрото“ кое ќе ги привлече нови членови, но и да ги врати оние кои во еден период се разочарале и се дистанцирале од партијата.(dw)






