СДСМ: Вучиќ најави избори, веднаш и Мицкоски – избори ќе закаже кога ќе снема пари

„Христијан Мицкоски повторно ги стави изборите во оптек. Прво рече дека граѓаните не сакаат предвремени избори. Потоа рече дека ако опозицијата побара, нема да седи како кукавица, ќе прифати и ќе победи. Тоа не е став. Тоа е монтажа. Самиот си ја пишува понудата. Самиот си ја чека нарачката. Вучиќ најави избори. Веднаш и Мицкоски. Тоа не е случајност. Веќе работи по налог. Затоа веќе знае кога се изборите. Само уште нас не нѐ известил“ соопштија утринава од СДСМ.

Од опозициската партија велат „Влече тешка медиумска артилерија од Србија за да ги зајакне орбановите 40 проценти. Целта е целосен медиумски мрак. Граѓаните да не знаат кога водата е отруена. Да не знаат дека нема пари. Пет недели да не знаат резултати од анализи. Да знаат само што ќе им кажат Латас и увезените емисии. А опозицијата да ја викаат – „убијци”. Има апсолутна власт. Има двотретинско мнозинство. Има претседателка, влада, Собрание и мнозинство во најголем број општини. Избори закажува тој, кога сака. Не му треба ни наша согласност, ни туѓа храброст. Му треба алиби“.

„Да не каже дека касата се празни. Да не каже дека за коруптивни тендери веќе нема простор за ново задолжување. Да каже: нѐ предизвикаа. Ние само одговоривме. СДСМ нема да му го даде тоа алиби. Не бараме ние негови избори за да му го покриеме банкротот. Избори ќе закаже кога ќе снема пари. Тоа е неговиот календар, не нашиот. Веќе се јавија и тие што секогаш се јавуваат кога треба да се одигра претставата. Истиот ден по неговата реченица, дојде повик да се распушти Собранието и да се утврди датум. Практично. Брзо. Како по нарачка. Граѓаните знаат кој во оваа драма секогаш ја зема споредната улога за главната да остане чиста. Тоа не е опозициски притисок. Тоа е услуга“ велат од СДСМ.

 

Порачуваат „Мицкоски нека не се крие зад кукавици, зад туѓи соопштенија и зад братот од Белград. Ако сака избори, нека ги закаже. Самиот. Со свој потпис. И нека излезе пред граѓаните со празниот буџет, со водата во Гостивар, со починатите во Скопје, со 5.000 отруени, со пиперката од 40 денари и со фрижидерот и паричникот што се празни. Па нека објасни како сме трета економија во Европа, како платите се поголеми за 70 проценти, пензиите повисоки за 325 проценти, што ќе биде со вториот пензиски столб, со цената на нафтата, со ѓубривото, со првото место по туризам, со лидерството во авио-сообраќајот“.

Back to top button
Close