СДСМ за 11 Октомври: Антифашизмот е обврска да се живее во мир и слога, а не во закани и раздор

Антифашизмот не е споменик, туку обврска да се живее во мир и слога, а не во закани и раздор, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во соопштение по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Пред 85 години партизаните излегоа за слободна држава. За слобода. За достоинство на човекот. Против фашизмот! Не за поделба. Не за понижување на народот. Не за да го викаат талог, мочуриште, медиокритети, глодари. Тој речник не е од 11 Октомври и вредносите на НОБ. Тој речник е од друга традиција. СДСМ ја памети својата, секогаш на вистинската страна на историјата“, велат социјалдемократите во соопштението во кое може да се препознае критички наратив кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека антифашизмот значи обврска сите да бидат еднакви пред законот, а не „само оние што немаат кабинет“, како и обврска државата да работи за себе, а не за интерес на друга земја.

Според социјалдемократите, иднината на Македонија е во Европската Унија, бидејќи граѓаните заслужуваат подобар стандард, достоинствени примања и држава од кој младите нема да се иселуваат во потрага по егзистенција.

„Патриотизам е како се живее денес и што им се остава на децата утре. Да не мораат да земаат бугарски пасоши. Да не мораат да глумат патриоти заради личен интерес, туку вистински да ја сакаат и да ја почитуваат својата татковина. Лажниот патриотизам не смее да биде пат кон власт. Македонија не е депонија за туѓ проект. Не е рудник за туѓа муниција. Не е хардвер за туѓа дигитализација. Не е ходник за туѓа агенда. Не е каса за провизија. Македонија е заедничка татковина“, порачуваат од Социјалдемократскиот сојуз.

Оттаму се осврнуваат и на односите со соседите, велејќи дека, доколку е потребно, со нив треба да се прегобвара, а не да се провоцираат.

„Се работи за сопствената татковина, се живее со соседите“, велат од Бихаќка.

Битката на нашите предци, порачуваат оттаму, била да имаме држава, додека битката на денешната генерација е за иднината – против корупцијата и криминалот, а за подобар живот и повисоки плати.

„Битка за слобода на говор и медиуми. Битка за нормален и достоинствен живот. Битка да живее чесниот свет, не банда. Заедничка битка за Европа. СДСМ е наследник на таа борба. Со демократски средства. Со вистина. Со глас на народот. Државата ќе ја вратиме во служба на народот. Иднината не е во поделбите. Иднината е во Европа, во правда и во слобода“, подвлекуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

На овие теми вчера говореше и лидерот на партијата Венко Филипче по маршот што социјалдемократите го одржаа во Прилеп по повод 11 Октомври, нагласувајќи дека Народноослободителната војна и победата над фашизмот ги поставија темелите на современата македонска држава, а АСНОМ ја втемели македонската државност.

„Без победата во Народноослободителната војна, тој пат немаше да биде нашиот историски успех. Без луѓето што се изборија за државноста, немаше да ја наследиме Македонија во која подоцна, во 1991 година, ја донесовме одлуката за независност. Независноста има свое големо место. АСНОМ има свое незаменливо место. Нашата историја е доволно богата за да ги почитуваме двете, со јасно разбирање што ни донела секоја од нив“, рече Филипче.

Тој посочи дека почитта кон паднатите борци не смее да остане само на свечени одбележувања, туку мора да се преточи во одговорност за државата, нејзиниот развој и иднината на граѓаните.

„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот. Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителността, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните“, порача лидерот на СДСМ.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close