СДСМ за обраќањето на Мицкоски за една година Влада: Македонија е понижена, задолжена и без перспектива
Соопштение за јавност – реакција на СДСМ на обраќањето на Христијан Мицкоски
Мицкоски изгубен во сопствените лаги – реалноста е: сиромашни граѓани, нови долгови и економски крах
Денешното излагање на Мицкоски е уште една потврда дека тој целосно се загуби помеѓу неговите лаги од една страна, и суровата вистина – реалноста од друга страна. Дали човекот навистина верува во тоа што го зборува или пак знае дека текстот кој го читаше е само празно слово на хартија и нема врска со реалноста, нема врска со тешкиот живот на граѓаните? Кој е одговорот граѓаните сметаме дека многу добро знаат. Мицкоски одново ги повторуваше истите празни флоскули, во очаен обид мислејќи дека една лага, повторена доволно пати, ќе може да се претвори во вистина.
Не може да биде точно, ниту реално, тврдењето дека Македонија е четврта најсилна економија во Европа. Вистината е сосема спротивна.
Дури и Народната банка, со која раководи Трајко Славевски, ја ревидираше проекцијата за инфлацијата на околу 4% за оваа година, додека економскиот раст, според домашните институции, нема да надмине 3%. Тоа значи реален економски пад – ситуација полоша дури и од конфликтната 2001 година, кога Македонија оствари подобри резултати.
Податоците на Евростат јасно и недвосмислено покажуваат: Македонија е последна во Европа по животен стандард. Најниската плата и најмалата куповна моќ се реалноста со која секојдневно се соочуваат граѓаните.
Во услови на ваква социјална и економска криза, Мицкоски тврди дека долгот бил намален. Но фактите говорат спротивно – само за една година, Македонија потпиша нови задолжувања од 7 милијарди евра, а најавени се уште 700 милиони за наредната година. Тоа значи дека за две години, долгот ќе достигне 12 милијарди евра – тројно повеќе од вкупниот акумулиран долг на државата во изминатите 35 години.Парите се потрошени, а никој не знае каде завршија.
Македонија не се сака со лаги, ПР-спотови и долгови. Вистински патриотизам е да се работи за реално подобрување на животот на граѓаните, за повисоки плати, економски напредок и стабилност.
Слоганите како „Најдоброто допрва доаѓа“ не можат да ја покријат суровата вистина – ако утрото покажува како ќе биде денот, Македонија со оваа власт ја чекаат уште потешки времиња.
————–На една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е понижена, осиромашена, задолжена и целосно девастирана.
Мицкоски зборува за енергетика во моменти кога се соочуваме со најлошата енергетска политика во историјата на државата.
За прв пат во 35 години РЕК Битола не работи повеќе од седум дена. Најголемиот енергетски потенцијал во земјава е во целосна хаварија откако раководството на ЕСМ и РЕК Битола поставено од Христијан Мицкоски е во целосен колапс.
Потрошени се и хидроенергетските потенцијали во земјава, поточно, во период кога акумулациите низ земјава треба да бидат на својот потенцијален максимум, тие се на својот биолошки минимум со што се доведува во ризик потенцијалот за производство на електрична енергија во текот на зимските месеци кога електричната енергија е најскапа на меѓународниот пазар.
Македонија за една година има повеќе увезено струја отколку во последните три години власт на СДСМ. Пари кои директно се одлеваат од џебовите на граѓаните, а се плаќаат на фирми блиски до Мицкоски.
Нема ништо ниту од помпезно најавената инвестиција во ветерници од наводни 500 милиони евра. На таа локација има само ливада за пасење овци.
Мицкоски ветуваше дека за една година ќе ја направи Македонија енергетски независна, а гледаме дека се соочуваме со најголема енергетска зависност од осамостојувањето до сега.
ТЕЦ Осломеј наместо да работи, се користи за вработување на партиски војници, на списоци кои се правеа на социјални мрежи.
Додека цените на нафтата паѓа на светските берзи, во Македонија се зголемува од ден во ден и веќе стигнува до историскиот максимум.
За една година со Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН Македонија е целосно понижена, осиромашена и како никогаш досега без видлива перспектива.
Земјоделците никогаш не биле по понижени, а „Најлошото допрва доаѓа“
Земјоделците никогаш не биле попонижени и посиромашни од тоа што се во последнава година дена од власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН на чело со Христијан Мицкоски.
Срамота е Мицкоски да се фали со исплата на субвенции кога се уште не може да ги исплати субвенциите од минатата година. Иако во изборната програма ветуваа зголемување на субвенциите на 180 милиони евра, оваа година исплатија едвај 130 милиони задоцнети субвенции.
Нема субвенции за тутунот кој се поретко се класифицира во прва класа од страна на откупувачите кои во содејство со министерот за земјоделие намерно ги туркаат цените на тутунот. Нема ни вода за тутунот во Пелагонија. Цел месец не се санира доводната цевка за наводнување на полињата.
Субвенциите за грло говедо се намалени за 50%, а намалени се и субвенциите за лозарите.
Оризопроизводителите не можат да го продадат оризот поради новите правила кои фаворизираат само двајца откупувачи на ориз, а се блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Секојдневно гледаме гневни земјоделци кои на камера го уништуваат родот поради ниските цени, неисплатените субвенции и неподносливите услови за работа во земјоделието.
За една година од оваа Влада, Мицкоски ја направи Македонија понижена, осиромашена и украдена.
Денот по утрото се познава, реалноста е дека „Најлошото допрва доаѓа“.
Скопје, 23.06.2025
СДСМ
Центар за комуникации со јавноста