Се ангажираат лични асистенти во училиштата низ Центар – плата 15.000 денари

Општина Центар и оваа учебна година ангажира лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“. Избраните кандидати ќе работат по 20 часа неделно, со месечен надоместок од 15.000 денари, соопштија утрово од локалната самоуправа.

– Право на пријавување на јавниот повик имаат лица со завршено средно образование, а предност ќе имаат кандидати со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и оние со претходно искуство во работа со деца со попреченост, појаснија оттаму.

Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, личните асистенти се клучни за успешен инклузивен образовен процес.

– Нашите асистенти им помагаат на учениците полесно да се адаптираат и функционираат во училишната средина. Тоа многу значи, не само за децата, туку и за родителите и наставниците. Морам да потенцирам дека сме единствена општина во Скопје што и покрај сите предизвици, продолжува самостојно, од свој буџет, да го спроведува овој проект, се наведува во пишаната изјава на Герасимовски.

Од локалната самоуправа потенцираа дека јавниот повик е отворен пет работни дена, а пријавувањето се врши во Архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.

Повеќе информации за повикот може да се најдат на веб-страницата на општината.

Back to top button
Close