Сеќавања на ослободувањето на Аушвиц: „Родена во пеколот“

На церемонијата отпатуваа 56 преживеани затвореници. На 27 јануари 1945 година, Црвената армија го ослободи логорот на смртта, Аушвиц-Биркенау, кој бил создаден од нацистичка Германија во окупирана Полска. Ослободителите нашле само 7.000 затвореници оставени во логорот, целосно исцрпени и гладни.

Помеѓу 1940 и 1945 година, нацистите убија повеќе од еден милион луѓе во Аушвиц и околниот комплекс на логори. Најголемиот број од нив биле Евреи, но жртви на криминалниот режим станале и бројни Синти и Роми, политички затвореници, хомосексуалци, затвореници од Полска и други земји. Аушвиц стана симбол на холокаустот, неговиот „главен град“, како што рече историчарот Питер Хејс. Тоа беше индустриски погон на смртта чии димензии можеа да се разберат само децении подоцна. Ако се воопшто разбирливи.

 

Без политички говори

Осумдесет години подоцна, поранешни затвореници, официјални и почесни гости дојдоа на голем собир на кој се славеше ослободувањето на затворениците во логорот. Од Германија пристигнаа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц. За разлика од претходните јубилејни датуми, овојпат немаше говори на политичари, иако беа присутни делегации од 60 земји. „Не трпиме заборав, ниту денес, ниту утре“, напиша наместо тоа на социјалните мрежи германскиот канцелар Шолц.

Сепак, говорите не поминаа без политика. Беше тематизиран терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд С. Лаудер, истакна дека еврејските студенти се изолирани насекаде во светот. Тој додаде дека Израел, како единствена еврејска држава, сега е ставен на столбот на срамот.

Но, првенствено зборуваа луѓето што го преживеаја Аушвиц. Маријан Турски, Јанина Ивањска, Това Фридман и Леон Вајнтрауб. „Отсекогаш мислев дека 27 јануари е мојот роденден. Многу пријатели не ни знаат дека тоа не е мојот вистински роденден“, рече Това Фридман на почетокот на својот говор.

 

Преживеаниот Турски: „Цунами на антисемитизам”

Маријан Турски ги потсети присутните на сите оние кои не можат да бидат таму: „Нашите мисли треба да одат кај оние, сите тие милиони, кои никогаш не можеа да ни кажат што чувствуваат, бидејќи беа проголтани од масовното уништување“.

Преживеаните затвореници во логорот ги тематизираа сопствените логорски искуства и се обидоа да извлечат некаква поука од нив за сегашноста. Турски оцени дека во светот моментално се случува „цунами на антисемитизам“ и апелираше до присутните: „Запрете го тоа“, и побара едноминутно молчење.

Преживеани затвореници од логорот има сè помалку, а нивните искуства го одржуваат споменот жив. Неколку дена пред официјалната церемонија беа организирани средби со преживеаните во Краков и Аушвиц. Во Краков организатор беше Музејот на Галиција. Учествуваше и Лидија Максимовиќ. Имала само три години кога била депортирана во Аушвиц, а паднала во рацете на озлогласениот нацистички лекар Јозеф Менгеле. Ја мачел со експерименти со физиолошки раствори. По војната, Максимовиќ била одвоена од нејзината мајка и посвоена. Таа вели дека морала да научи се од почеток и се чувствувала „како диво животно кое има само инстинкт да преживее“.

 

Родена во логорот на смртта

Стефанија Верник е една од последните сведоци, иако не се сеќава на Аушвиц. Имала само неколку месеци кога била ослободена од Аушвиц. Таа вели дека местото на нејзиното раѓање е – „пеколот“. Ја родила во ноември 1944 година жена од Полска која била депортирана во логорот поради шверц во април 1944 година. Била во втор месец на бременоста. Таа долго време го криела тоа, а кога се дознало дека е бремена ѝ дозволиле да го роди детето, но условите во логорот биле сурови.

Стефанија Верник имала само два килограми кога се родила. Својата приказна ја раскажала еден ден пред церемонијата на Меѓународното место за состаноци во Освјенќим, односно местото кое нацистите го нарекле Аушвиц во 1940 година и кое се наоѓа веднаш до логорот.

Салата во која таа ги раскажуваше своите спомени беше полна. Околу 80 лица на возраст од 17 до 25 години, најголем број од нив од Германија, но и посетители од Франција и Полска. Младите внимателно слушаат што им кажува Верник. Тие се учесници на младинските состаноци организирани од Бундестагот. Претходниот ден тие го посетија меморијалниот комплекс Аушвиц.

 

Жртви на Јозеф Менгеле

Тие ја слушаа приказната во целосна тишина. По последните зборови тие станаа и аплаудираа. Некои имаа солзи во очите. Верник рече: „Она што го испив со мајчиното млеко, секогаш ќе го носам во себе. Не можам едноставно да се смеам“. Таа зборуваше на полски, а истовремено преведуваа професионални преведувачи.

Таа раскажа дека до ден денес е често болна и исцрпена и дека веројатно озлогласениот логорски лекар Јозеф Менгеле како бебе ѝ вбризгувал нешто со инјекции. Често има осип. Верник тешко зборува, мора да прави кратки паузи за да се прибере.

Младите учесници имаа многу прашања за нејзината траума и се интересираа што ѝ дало надеж. Верник одговара трпеливо, не сака да прескокне ниту едно прашање. Нејзините одговори се и благи и тажни во исто време.

За дваесет и едногодишниот Питер Челестин Клаус, тоа беше средба која долго ќе ја памети. „Холокаустот се обиде да ги обезличи луѓето и да ги претвори во бројки. Мораме да им ја вратиме човечката природа, да им го вратиме лицето, за да разбереме дека имало милион луѓе кои сонувале за утрешнината, која што никогаш не ја доживеале“.

 

Верник: „Никогаш повеќе фашизам“

Преживеаните постојано потсетуваат на таквите луѓе. Това Фридман вели: „Со раѓањето стигнавме во морален вакуум“. Милиони тоа не го преживеале. „Но, ние сме тука до ден денес за да објавиме и да ветиме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори.”

Во публиката беше и Стефанија Верник. Претходниот ден на една средба директно им се обрати на младите. Своите зборови ги запишала на хартија, па сега внимателно го одвиткува листот: „Никогаш повеќе војна. Никогаш повеќе фашизам. Бидете будни, за да не се повтори такво нешто“, рече Верник. „Тоа го напишав. Родена во пеколот, Аушвиц-Биркенау“.(dw)

Back to top button
Close