Сеќавање

Денес ќе се обидам да доловам дел од себе, а претпоставувам дека многумина од вас ќе се најдат или се нашле во слична состојба, од време на време како на филмска лента да се враќаат сеќавања од минатото, почнувајќи од најраното детство, па до последниот момент. Сеќавањата или човечката меморија се многу силен човечки сегмент кој ни дава можност да се вратиме во минатото, да се радуваме или тагуваме за одредени настани, а најбитното е да извлечеме поуки од тие сеќавања. Заклучокот секако ќе следи од тие сеќавања како резиме на задоволство, тага, немир и жалост.
Си земам слобода да пишувам за моите сеќавања од најраното детство. Детството го поминав на калливи улици во центарот на Скопје, каде улицата и училиштето ни беа дестинациите за дружење со нашите врсници. Улица како улица – се случуваат и убави и лоши работи, меѓутоа, тука беа нашите родители, баби и дедовци кои цело време бдееа над нас само со една цел детето да не им застрани. Детските игри како фудбал, најпрво со топка од чорапи, потоа пластика, фанта, играње џамлии на мор или шлајка, мавање со џамлијата од контрук или тепка, челик, жмурки, брканица, камај, беа дел од нашето секојдневие. Јас сум привилигиран, бидејќи гледајќи го денешното детство на најмладата генерација во нашето опкружување заклучувам дека има драстичен скок за брзата трансформација на социјалниот и општествен живот. Но, воедно, се прашувам дали навистина е тоа суштествен социјален живот кој создава длабоки, вредносни релации. Денешните млади генерации тешко можат да го разберат моето детство. Во нивните очи претпоставувам дека изгледам како човек од многу, многу дамнешни  времиња, додека разликата е само неколку децении.

Во денешнава колумна ќе се осврнам токму на детството од мојата доба.

Улицата како заеднички именител на сите дечиња беше место каде покрај игрите, ние консумиравме и споделувавме храна и вода. Всушност тоа беше место каде што учевме што значи заедница, солидарност, борба. Корка леб, намачкана со масло или слатко, со додатоци на сол, шеќер, а кога моето семејство не можело да ми намачка маст или слатко, тогаш мајка ми на лебот ќе ми ставеше сируп за грло кој дома го имавме во секој миг од причина што мојот покоен татко во тие времиња работеше во тогашната Воена болница. Во секој случај, она што сакам да го кажам е дека консумирањето храна на улица имаше своја убавина, бидејќи ако си социјален тип, вообичаено беше да го споделиш јадењето со своите другарчиња на систем чепарлок. Од пијалоците кога имаше лимунада, тоа беше радост, бидејќи лимунадата беше најврвен пијалок за децата. Посебно во тие детски времиња се сеќавам на слаткарницата на дедо Илија кој што многу правеше шампити, парени слатки, ама најоригинален беше сладоледот. Дедо Илија беше човек во години и сам го правеше сладоледот. Набавуваше санти мраз кои ги кршеше со чекан и ги ставаше во садот каде што требаше да се меша млекото и додатоците за сладоледот, како ванила, јагода, праска. Најбитното во производството на овој сладолед беше нашата детска рака. Во тие времиња не постоеа електрични миксери, во случајов за сладоледот, па ние децата од улицата бевме тие кои рачно со дрвена лопата го мешавме сладоледот, односно правевем рачно матење на сладоледот. Честопати раката ќе ни допреше до сладоледот, а потоа ќе го касневме, ама скришно од дедо Илија. Многупати тој умееше да ни каже „ајде деца сега ќе пееме додека мешаме“, само со една цел да не претераме со крадењето сладолед.

Почитувани читатели, ваквите сеќавања се мои и никој неможе да ми ги одземе. Тоа се сеќавања на моето безгрижно и убаво детство. Далеку од тоа дека детството на денешните млади не е убаво, меѓутоа ОВА Е МОЕ ДЕТСТВО.

Бидејќи сеќавањата ми навираат од детството, сакам да споделам уште еден момент како изгледаа нашите семејни ручеци.

Моето четири члено семејство, татко, мајка брат и јас, живеевме скромно. Работеше само мојот покоен татко со многу скромни примања, а мајка ми беше домаќинка. Покојната ми мајка изгради култ кон татко ми и неговото место во семејството. Анализирајќи го тогашниот тврд воспитувачки карактер на мојот покоен татко, сметам дека изгради вистински луѓе од мене и мојот брат. Умееше да каже на мојата покојна мајка Олга, „Олга не ги разгалувај децата, гали ги и милувај ги додека спијат“.

На нашата трпеза царуваше лажицата. Месото беше привилегија, само за големите верски и државни празници и од време на време кога ќе дочекавме да бидеме сведоци кога се колеа свињи. Вообичаено пилешкото месо беше дел од нашиот саботен и неделен ручек. Свежо купено пиле од Зелен пазар, заклано и исчистено од нашиот сосед Јордан и од мајка ми сортирано со цел да служи за цела недела. Пилешката супа со кнедли беше дел од нашето неделно мени, ама тава ориз со пилешко беше секоја недела на нашата трпеза. Вообичаено јас ја носев тавата на печење кај чичко Столе и ја враќав назад после печењето и секако не заборавав од најблискиот колонијал да купам едно црно пиво кое мојот покоен татко го обожуваше. Од тавата ориз крилцата ни беа секогаш давани на нас децата, со објаснување дека побрзо ќе пролетаме, додека копанот беше наменет за мојот татко. И во тие семејни ручеци умеевме да додадеме шега. Од пилешките коски умеевме да направиме игра „јадец”, што во превод значи кој кого прв ќе  прелаже. Амбиентот на семејниот ручек во зимските денови беше во малата кујничка каде се греевме на дрва или ќумур од шпоретот кој истовремено служеше и за готвење, а летните ручеци беа навистина многу убави во малиот двор под дебелата сена на убавата слива.

Имавме многу помалку од денешните млади, но имавме едновремено многу развиено чувство за заедница, за потпора. Не беше лесно, но знаевме да се радуваме на малите нешта.

Почитувани читатели, моето споделување на сеќавања со вас сакам да го сфатите како еден нормален социолошки порив. Убеден сум дека многумина на моја возраст имале идентично или слично детство.

Оваа колумна поврзана со сеќавањата од моето детство би сакал да биде еден вид историски факт за тоа како сме живееле пред само 6 – 7 децении и колку светот брзо се менува. Ако историјата ги пишува своите траги преку она што го гледаме и читаме преку артефакти, сметам дека нашиве лични пишувања за нашите сеќавања се еден вид историја и фактографија која треба да ја знаеме и од неа да влечеме поуки.

Старите Еѓипјани оставиле трајни цивилизациски вредности и сѐ уште кај модерниот свет предизвикуваат воодушевување, тоа се пирамидите, свингите, астрономијата… Меѓутоа многу малку знаеме за животот на тие луѓе кои живееле во тие времиња кои граделе цивилизациски вредности. Од таа причина сметам дека сеќавањата мораме да ги пренесеме и во писмена форма со цел да оставиме траг во севкупната историја на човештвото.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close