Се бара помош во потрагата по Теодора – нејзиниот брат со повик на социјалните мрежи

Братот на шеснаесетгодишната Теодора Бабарчиќ, која минатата недела исчезна во водите на реката Вардар, на социјалните мрежи испрати повик за помош во потрагата по девојчето и обвинува дека од институциите нема речиси никаква помош.

– Ги повикувам сите што се во можност да се приклучат на терен и да помогнеме заедно во потрагата по Теодора. Не треба ништо повеќе од добра волја и желба да се помогне. Мојот татко е веќе таму, кај село Уланци, Градско и ја координира потрагата бидејќи за жал, од институциите нема речиси никаква помош – објави братот на Теодора.

Тој додава дека на лице место доаѓаат полициски патроли и си заминуваат.

Ги замолува граѓаните да му пишат нему на социјалните мрежи и го објави бројот на татко му за да се координира со него, а додаде дека доколку некој нема превоз, вели дека ќе му биде обезбеден.

Девојчето е последно видено на 23 јули минатата недела и се бара помош за потрагата – и теренска и снимање со дрон по течението на Вардар кон Гевгелија.

И мајката на девојчето, Верица Бабарчиќ Лазова, пред неколку дена побара каква било помош за пронаоѓање на нејзината ќерка.

– Очајно си ја барам ќерката Теодора Бабарчиќ, 16 години, која пред три дена се удави во водите на Вардар, Општина Градско-Уланци. Институциите сите се известени, потрагата сè уште трае. Даваат сè од себе да ја најдат, сега засега се води како исчезната. Доколку некој од овчарите, земјоделците, рибарите, ја видат во водите на реката Вардар, делот од Градско до Гевгелија, како што тече водата во тој дел, молам за информација, секоја информација е добредојдена. Пријавете во МВР, за побрзо да се најде моето дете, мојата душа. Облечена е во розеви дводелни купаќи, црна коса, кафени очи… Ве молам споделувајте за што побрзо да се најде – објави вчера мајката на Теодора.

Според информациите од МВР, случајот бил пријавен во СВР Велес и според пријавата, девојчето влегло во реката Вардар да се капе, но реката го повлекла, а дваесет и деветгодишната девојка која се капела со неа не успеала да ја извлече– Било пријавено дека К.П.(29) од Скопје, со привремен престој во с.Уланци, општина Градско и 16-годишно девојче од с.Уланци, додека се капеле во водите на реката Вардар во близина на село Уланци, малолетничката била одвлечена по течението на реката. К.П. неколку пати се обидела да ја извлече, но не успеала – велат од МВР.

Од СВР Велес за „Слободен печат“ изјавиле дека по исчезнатото лице се трага како и по секое друго исчезнато лице и како што велат МВР има должност да трага по исчезнатото лице додека не се најде.

Back to top button
Close