Се чекаат првите вакцини „Фајзер“ од Србија и термините за достава од КОВАКС

– Првите антиковид вакцини од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител се очекуваат во земјава во средината на февруари. Се чека прецизирање и на терминот кога ќе ги добиеме вакцините од КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организација, како и известување за вакцините што ќе ни ги отстапат солидарно земји членки на ЕУ. Но, пред сите треба да стигнат вакцините од Србија, за што е потребна согласност од „Фајзер“, а се наменети за здравствените работници во КОВИД-центрите.

Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека контактирал со неговата српска колешка Ана Брнабиќ и дека упатил и втора молба до „Фајзер“ за согласност да се извезат од Србија вакцините кои ни се дадени, а и Владата, според него, ургира преку Министерството за здравство.

Тој верува дека барањето ќе биде одобрено и оти вакцините што ни ги отстапува Србија би требало да стигнат најбрзо, односно пред другите што ќе доаѓаат преку трите механизми. Според премиерот, тие ќе бидат доволни за 7850 здравствени работници кои се ангажирани во лекувањето КОВИД-пациенти.

– Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер“ со Србија и на „Фајзер“ со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија, изјави Заев.

Во средината или втората половина  на февруари, посочи премиерот, се очекуваат да стигнат и првите дози од вакцините за кои склучивме договор директно со производителот „Фајзер“. До крајот на неделава се очекува, како што рече, прецизен и директен одговор кога се очекуваат вакцините од КОВАКС-механизмот на СЗО, а исто така и известување од Европската комисија за распределбата на одредени количини вакцини од земјите на ЕУ, т.е. од третиот, солидарен механизам.

Од сите три механизми треба да стигнат по околу 800 000 дози, односно вкупно 2,4 милиони дози за вакцинација на 1,2 милион граѓани. Со 60 отсто опфатеност на населението треба да се обезбеди колективен имунитет на КОВИД-19.

Back to top button
Close