Се гради пешачко-велосипедска патека покрај езерото Гратче кај Кочани

 Паралелно со реконструкцијата на објектот наменет за планинарски дом на Пониква, а во рамките на проектот „Планински велосипедски рај“, денеска почна изградбата на пешачко-велосипедската патека од постојниот хотел до преградниот ѕид на брана Гратче.

Стручните служби од Општина Кочани информираа дека по завршувањето на машинскиот ископ на патеката, активностите ќе продолжат со порамнување на теренот и тампонирање. Патеката просечно е широка 1,5 и долга 520 метри, а ќе биде поплочена со бехатон.

– Со овој проект ќе се реконструира и постојната патека од месноста Бавчалук до локацијата Тополник. Тоа ќе значи подобрување на познатата релација која љубителите на пешачењето и на велосипедот вообичаено ја минуваат по асфалтниот пат од Кочани до Гратче. Патеките ќе бидат означени со патокази, со уредени места за одмор, видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема, истакна Марјан Јованов од Секторот за уредување на градежното земјиште на Општина Кочани.

Проектот „Планински велосипедски рај“ вклучува изградба, реконструкција и надградба на постојните земјени велосипедски патеки на Осоговските Планини кои се на релација од Грaтче до Пониква и обратно. Нивната должина е по 15 километри, а третата планинска велосипедска патека е два километра и води од преградниот ѕид на брана на езерото до водопадот.

Уредувањето на пешачко-велосипедските патеки и патеките за планински велосипедизам и планинско пешачење во вкупна должина од 35 километгри е со цел да се зголеми атрактивноста на кочанскиот дел од Осоговијата и да се промовираат природните и културни локалитети.

Back to top button
Close