Се излеа гнев на стадионот

Сите го осудивме исфиркувањето на химната на Бугарија на стадионот во Скопје. Се згрозивме од тоа што некои од публиката на стадионот извикуваа “Бугари-Татари” Бугари-Цигани” и покажуваа некакви две червени за да ги потсетата Бугарите на времето кога тие не биле европејци туку многу сиромашни и не сметале нас за Американци.
МНР јавно го осуди таквото однесување. Осуди стигнаа од сите политичари и партии во Македонија а Бојко Борисов уште истата ноќ ни соопшти дека во Македонија уште не сме научиле да ги почитуваме европските вредности”.
Бугарските медиуми и сајтови побрзаа да ја информираат својата публика за големата омраза на “северомакедонците” како што не нарекуваа кон Бугарија и Бугарите.
Не сретнав анализа или размислување за тоа од каде тој гнев кон Бугарија на фудбалската публика во Македонија.
Можеби на сите им е јасно и сметаат дека не треба за тоа да говориме.
Но факт е дека тој гнев кон Бугарија и Бугарите систематски се создава со години со политиката и изјавите на бугарските политичари.
Со години сите сме сведоци на негирањето на македонската нација, јазик ,историја. Сведоци сме на брутални уцени и препреки од страна на бугарскиот национализам на нашиот пат кон ЕУ. Сведоци сме на најнедоличните изјави и омаловувања од Каракачановци, разни Џамбаски ,историчари како Ангел Димитров и низа политичари на највисоки позиции во Бугарија.
Нема ништо европско во нивното однесување кон нас и навредливо е кога тие ни говорат дека ние “уште не сме научиле да ги почитуваме европските вредности”.
Македонската политика и политичарите веќе подолго време прават се за да не ги навредат Бугарите и бугарските политичари и молчат пред низа изјави кои реално го зголемуваат гневот на Македонците секојдневно.
Некои граѓани сметаат дека сме претерале со “сервилноста” и виткањето кичма.
И затоа се случува кога не сакате да ги осудите поттикнувачи и креаторите на националниот гнев ,да мора да го осудите излевањето н тој гнев од спортските трибини во Македонија.
Осудите на неспортското однесување на публиката се во ред и никој не,сака да ги оправда, ама да ни држат лекција за непочитување на европските вредности оние од Бугарија кои најгрубо ги погазуваат тие вредности е исто така иритирачко и дополнително го зголемува гневот на масите кои на никого не мора да даваат отчет.
Примерите за цивилизирано однесување на спортските публика на Германија и Англија денес и покрај тоа што тие биле во војна пред 70 години не држат воопшто. Тие две земји веќе 70 години градат искрено пријателство и сојузништво со меѓусебно признавање и почитување. Кога тоа и таков однос ќе почуствуваме од Бугарија и кај нас климата ќе се смени.
Оттука со осудата на гневот редно е малку да се позанимаваме со неговите извори и поттикнувачи. Нема тој да се смали ниту да се спречи со нови навреди и омаловажувања од нивна страна и со големи извинувања од наша.
А гневот е опасна работа. Тој го заматува умот и ја отфрла секоја можност за рационално просудување и решавање на недоразбирањата.
За тоа се веројатно свесни и оние од Бугарија што свесно и систематски го поттикнуваат

Ѓорги Спасов

Back to top button
Close