Се излизга товарен воз кај Романовце – нема повредени, но има застој на Коридорот 10
Товарен воз се излизга од пругата во село Романовце, кумановско, но нема повредени лица, соопштија денеска од ЈП за железничка инфраструктура.
Настанот се случил во 9:20 часот кога товарниот воз кој сообраќал од Трубарево кон Куманово и превезувал толчаник (камен) за потребите на ЈП за Железничка инфраструктура се излизгал и има оштетувања на 14 од вкупно 20-те вагони. Од претпријатието соопштија дека оштетена е и пругата и ќе има застој на Коридорот 10.
„Комисијата за вонредни настани која е составена од стручни лица вработени во АД ‘МЖ Транспорт’ и ЈП ‘МЖ Инфраструктура’ е излезена на самото место за да направи увид и да ги утврди причините за лизгањето – соопштија надлежните.
Од Јавното претпријатие велат дека прво ќе се расчисти пругата од излизганите вагони, по што стручни екипи ќе извршат санација на оштетениот дел за да може што е можно побрзо, повторно да се воспостави сообраќајот на Коридорот 10, кој е од најголемо значење за железничкиот сообраќај во државата.
Од СВР Куманово велат дека кај нив настанот е пријавен и дека нивна екипа врши увид.