Се изработува мурал за Крали Марко во Велес

– Стрип центарот на Македонија – Велес со финансиска подршка од годинашната програма на  Министертсвото за култура – дел за визуелни уметности, деновиве на ѕидот под Градскиот саат во Велес го изработува  муралот  насловен „Почит кон Крале Марко“, кој е  во рамки на проектот „Муралот како културна и туристичка знаменитост на Велес 2020“.

На муралот, кој е во завршна фаза, работат Ване Трајков, Анита Гочевска и Горан Мазнев. Се работи на површина од 33 метри квадратни со акрилни фасадни бои. Муралот е на површина меѓу два претходно изработени мурали едниот насловен „Точно напладне“ со Гари Купер изработен лани и другиот „Тутуноберачите“ на Кочо Рацин изрботен пред неколку години.

Томе Трајков од СЦМ-Велес, кородинатор на проектот истакна дека ова е вторпат Министерството за култура да поддржи ваков нивен проект. Инаку, СЦМ – Велес досега има изработено пет мурали на фасади во градот.

– Овие стрип мурали, први од ваков вид во земјава, се протегаат на различни локации и се вистинска атракција за жителите на Велес, а  ја збогатува и неговата туристичка понуда. Праксата  на цртање на мурали е многу честа во светот, посебно е интересен градот Ангулем во Франција од каде ги добивме првичните идеи и искуства, рече Трајков.

Тој воедно најавува дека праксата на изработка на мурали низ Велес ќе продолжи и  понатаму, со финансиска поддршка од државата или донатори.

– Оваа уметност е веќе прифатена меѓу граѓаните на Велес, а тоа го потврдуваат  нивните позитивни  коментари и застанување и разгледување на љидниот мурал при поминување низ оваа прометна улица  што води кон центарот на градот и кон Стар мост. Се надеваме дека за овој тип на ликовно творештво ќе  пројавуваат интерес и уметниците низ други градови во земјава, посочи Трајков.

Back to top button
Close