Се менува сопственикот на „Лукоил Македонија“, руската компанија склучи договор со купувач

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ постигна договор со компанијата „Гунвор груп“ за продажба на целиот свој странски имот, вклучително и на „Лукоил интернешнал“, кој е сопственик на македонскиот огранок на компанијата. Како што соопшти „Лукоил“, продажбата е резултат на рестриктивните мерки што неколку држави ги воведоа против компанијата и нејзините подружници.


Според информациите на „Ројтерс“, клучните услови на трансакцијата веќе се усогласени меѓу двете страни. „Лукоил“ ја прифатил понудата на „Гунвор груп“ и се обврзал дека нема да преговара со други потенцијални купувачи додека не се финализира процесот.

Пред потпишување на конечниот договор и исплатата, „Гунвор груп“ мора да добие одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства при американското Министерство за финансии (ОФАК), институцијата што воведе санкции кон „Лукоил“.

Во соопштението на компанијата се наведува дека, доколку е потребно, ќе биде побарано продолжување на постојната лиценца на ОФАК и издавање дополнителни дозволи, со цел да се овозможи непречено работење и банкарско сервисирање до завршување на трансакцијата.

„Гунвор груп“ е компанија регистрирана на Кипар, основана во 2000 година од шведскиот милионер Торбјорн Торнквист и рускиот олигарх Генадиј Тимченко, кој подоцна се повлече од сопствеништвото. Денес „Гунвор“ е четвртиот најголем трговец со сурова нафта во светот, со главен фокус на нафта од Америка, но присутен и на пазарите во Африка, Азија и Јужна Америка.

По воведувањето на санкциите кон Русија поради војната во Украина, компанијата „Гунвор“ ја прекина трговијата со руската сурова нафта, Скопје1.мк

Back to top button
Close