Се надевам дека ќе има правосилна пресуда за „Титаник 2“ пред да му застари делото на Мијалков вели Бубевски

Дека на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, набрзо му застарува делото во случајот „Титаник 2“, денеска потврди и шефот на скопското обвинителство, обвинителот Гаврил Бубевски, кој е застапник на обвинението. Поточно, делото застарува на 7 април следната година.

Предметот застарува за четири месеци само во однос на обвинетиот Сашо Мијалков затоа што дејствијата за кои се терети се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години). Во однос на другите обвинети предметот останува во процедура затоа што роковите за застареност се многу поголеми.

Меѓутоа, очигледно гледате дека судот прави напори сето ова да заврши во најбрз можен рок. Јас се надевам дека и Апелација во предвидениот рок, до моментот кога настапува апсолутна застареност, ќе има своја одлука, вели обвинителот Бубевски.

Кривичното дело за кое се гони „Примање награда за противзаконито влијание“ му застарува за пет месеци, или во април 2023 година. Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.

Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК немаат можност да се спасат со застарување. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

За тоа какво е чувството што после толку работа, собирање докази и соочување со опструкции, дел од предметите се пред застарување, Бубевски вели:

Чувството е исто како на сите граѓани во државата. Правдата што требаше да ја овозможи СЈО очигледно не ја даде барем од гледна точка на некои предмети кои се уште немаат свој завршеток иако, сепак, ние сме една странка во постапка и обвинетите заедно со бранителите се друга страна во постапката, а на крајот судот е оној што пресудува во предметите. Очигледно тие се повеќе сегменти кои влијаат и на одложување на постапката и на чувството дали во одредени предмети правдата е задоволена. Се разбира дека поротниот систем ни е застарен, не ни е функционален и тоа веројатно е најголемиот проблем зошто досега немаме и побрза правда. Тој систем во новиот Закон за кривична постапка би требало некако да се поправи и да не зависи од одлуките и поротата да нема такво влијание, вели Бубевски.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close