Се намножија националните координатори – сега се 8 со плата околу 2 илјади евра

Плата од околу 120 илјади денари. Нивната работа останува мистерија за јавноста. Никој не знае што точно „координираат“ дури и во влада која има повеќе ресори од прстите на двете раце и двете нозе. Имаат и заменици и помошници. Ретко ги има во јавноста.

 

 

Иако се дел од извршната власт, не постои посебен закон или правилник кој ги регулира обврските на националните координатори. Затоа, кај јавноста останува впечатокот дека овие функции се создадени за да се „вдомат“ блиски луѓе до владејачката партија, кои останале без друга позиција.

 

ВМРО-ДПМНЕ разреши 16, а постави 8

 

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кога дојде на власт ги разреши сите национални координатори и нивните заменици кои беа именувани од претходната влада на СДСМ. Вкупно 16 координатори беа разрешени, а досега се именувани 8 нови.

 

 

Најновиот е Шабан Салиу, поранешниот министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите. Сега доби нова владина функција – национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

Салиу ја добива оваа функција истовремено со Зоран Љутков кој беше назначен за национален координатор за култура. И двајцата за време на реконструкцијата на Владата беа разрешени како министри – едниот без ресор, а другиот за култура.

Одлуката била донесена на владина седница на 21 јули, практично во истиот период кога Салиу престана да биде член на Владата, а на неговото министерско место беше избран Ерџан Демир.

Претходно назначени за национални координатори се:

Влатко Ѓорчев – национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, додека Лилјана Затуроска ја координира локалната самоуправа. Верче Мицевска е поставена за национален координатор за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Павле Трајанов беше именуван за координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, а Блерант Рамадани за примена на нови технологии. Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија, е новиот координатор за реформи во високото образование (nezavisen.mk)

Back to top button
Close