Се обидел да краде, го киднапирале, дошла група да го ослободи, се тепале…

Синоќа, еден час по стапувањето во сила на ограничувањето за движење на граѓаните, дошло до физичка пресметка меѓу жители на населбата Трајаново Трло во Кочани и група крадци, при што неколку лица се здобиле со телесни повреди.

Жителите на населбата затекнале малолетник, кој влегол во двор од семејна куќа во обид да изврши кражба и го задржале, по што дошла група повозрасни лица да го одбрани и тогаш настанал инцидент.

Случајот бил пријавен во Полициската станица во Кочани и направен е увид на лице место, а повредените сами побарале лекарска помош.

Од Полициската станица го потврдија случајот на кој сè уште се работи, а официјално известување најавија во текот на денот.

Пред еден месец, жителите од Трајаново Трло организираа мирен протест поради зачестените кражби во домовите, при што побараа од надлежните органи да преземат мерки за нивно спречување и откривање на сторителите.

Back to top button
Close