Се очекува предлогот за нов гувернер на Народната банка, мандатот на Ангеловска-Бежоска истекува утре
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова наскоро треба да го објави предлогот за нов гувернер на Народната банка. Мандатот на актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, завршува утре, но согласно закон, таа ќе ја извршува функцијата сѐ до изборот на нејзин наследник.
Сиљановска-Давкова вчера изјави дека одлуката е речиси донесена, но не откри детали:
„Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Сметам дека треба да се разговара со сите потенцијални кандидати – да се слушнат нивните мислења за работата и за други кандидати. Би сакала да има повеќе избор, но тоа не е секогаш возможно.“
Според неофицијални информации, меѓу најсериозните кандидати се споменуваат:
Анита Ангеловска-Бежоска (актуелна гувернерка),
Трајко Славески (професор на Економскиот факултет),
Зоран Ставрески (поранешен министер за финансии).
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува новиот гувернер да биде фактор на економска стабилност и развој:
„Да почекаме да видиме кој ќе биде предлогот доставен во Собранието од Кабинетот на претседателката.“
Ангеловска-Бежоска беше именувана на 22 мај 2018 година. Нејзини претходници беа Димитар Богов (2011–2018), Петар Гошев (2004–2011), Љубе Трпески (1997–2004) и Борко Станоевски (1986–1997).