Се очекува Трамп да објави рамка за трговски договор со Велика Британија, велат извори
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денеска да го објави нацртот на трговскиот договор со Велика Британија, велат два извори запознаени со ова прашање, пишуваат британските медиуми.

Ова доаѓа, откако вчера американскиот претседател најави прес-конференција на која, како што наведе, ќе информира за голем трговски договор со голема и високо почитувана земја.
Евентуален договор би бил прв од таков тип, откако амдминстрацијата на Трамп минатиот месец воведе високи царини за трговските партнери.
Американскиот претседател во објавата на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) во која го најави договорот, не ја откри земјата, ниту условите.
„Голема прес-конференција утре наутро во 10:00 часот (според локално време) во Овалната соба, во врска со голем трговски договор со претставници на голема и високо почитувана земја. Прва од многуте!!!,
напиша американскиот претседател.
Постои неизвесност околу тоа што точно Трамп ќе објави од Овалната соба, на настанот закажан за 10 часот наутро по источно американско време (16 часот по средноевропско), со оглед на тоа што претседателот нема еднострано овластување да склучува трговски договори и треба да обезбеди одобрение од Конгресот.
Соединетите Држави и Велика Британија со недели разговараат во обид да постигнат брз договор. Според информациите од извори, се разговара за намалување на британските царини за американските автомобили и земјоделски производи, како и за намалување на британските даноци за американските технолошки компании.
Британскиот премиер, Кир Стармер, пак, ја отфрли можноста за намалување на стандардите за производство на храна за да се овозможи поголема трговија со американски земјоделски производи, бидејќи официјалните лица даваат приоритет на потпишувањето посебен договор со ЕУ, кој веројатно ќе ги усогласи британските стандарди со европските.
Тим од високи британски трговски вчера слета во Вашингтон, додека разговорите за договор меѓу двете земји добиваа на интензитет.
Службеници од Министерството за бизнис и трговија на Велика Британија се обидуваа да постигнат потпишување на договор пред планираниот самит Велика Британија-ЕУ на 19 мај.
Британските власти претходно изјавија дека целта им е да се дојде царинско олеснување на тесен опсег на сектори со цел да се постигне договор пред да започнат формални преговори со ЕУ за посебен договор.
Нацрт-договорот доставен до САД пред една недела би ги намалил царините за британскиот извоз на челик, алуминиум и автомобили, во замена за пониска стапка на данок на дигитални услуги, што го плаќаат неколку големи американски технолошки компании.
Тимоти Брајтбил, адвокат за меѓународна трговија во „Вајли Реин“, за „Њујорк тајмс“ изјави дека објавата на Трамп најверојатно се однесува само на договор за започнување на преговорите и идентификува рамка прашања што ќе се дискутираат во наредните месеци.
Администрацијата на Трамп на 2 април воведе остри царини за голем број трговски партнери, по што делумно го промени курсотпо остриот пад на американските акции, а подоцна и на пазарите на обврзници.
Велика Британија не беше погодена од реципрочни царини бидејќи САД имаат трговски суфицит, каде што продаваат повеќе на Велика Британија отколку што купуваат. Но, Велика Британија, како и секоја друга земја, беше погодена од основната царина од 10 проценти и царината од 25 процнети за странски челик, алуминиум и автомобили.