Се оди до други места за да се полни вода за пиење и покрај огромните водни потенцијали на Шар Планина и Полошка Котлина
– Иако се смета дека Шар Планина и дел од Полошката Котлина се места со изобилство на вода, голем број жители од многу населени места кои таму гравитираат и во 2021 година се уште се соочуваат со разни проблеми кога во прашање е водата за пиење. Така, некаде водата ја има ама не е исправна, некои села се уште се соочуваат со недоволни количини, па заедничко на мештаните од различни предели во овој регион е што мора да отидат до друго место за да земат и донесат дома питка вода за пиење.Студијата за валоризација на природните вредности користена за утврдување на критериумите за прогласување на Шар Планина за национален парк покажува дека на целата територија има над 100 извори на вода.
Изворот со вода во месноста Пршовечка јурија помеѓу селата Пршовце и Јегуновце е едно од местата каде многу луѓе од повеќе места во тетовскиот регион доаѓаат таму за да полнат вода во шишиња и разни садови за да имаат дома за пиење. Главна карактеристика која сите ја истакнуваат е квалитетот и питкоста на оваа вода.
Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово вели дека неговата институција во текот на повеќе години испитување кај оваа вода постојано добива добри резултати.
-Многумина ја користат, со гајби се оди и се полни за дома. Десетина пати во годината се испитува и секогаш има добри резултати. Нема ниту хемиско-физички ниту микробиолошки пореметувања. Ја препорачувам за оние кои не сакаат хлорирана вода од општинските водоводи. Водата е квалитетна и безбедна, доаѓа некаде од 70 до 80 метри под земја. На времето се направила бушотина на 70-80 метри под два слоја на глина. Дамарот односно извориштето му е во планина ама слегува и тече до низината. Се смета за „помека“ вода, а повеќе од десетина години постојано се одлични резултатите, објаснува д-р Давидовски, специјалист по здравствена хигиена и екологија.
Нема официјални податоци кога и како е најден овој извор и како почнало да се користи оваа вода. Со текот на времето градени се разни форми на чешми. За сегашниот изглед со четири чешми, мештаните велат дека е изграден од некој печалбар кој платил и да се постави дрвена маса со клупи. Тука вода полнат луѓе од речиси сите села во таканареченото подрачје Поселие, односно села кои се низинскиот дел од Полошката котлина, а спаѓаат во општина Јегуновце како Јегуновце, Туденце, Раотинце, Жилче. Секако доаѓаат и од оние села кои гравитираат кон Шар Планина, дел од соседните општини.
Вода полнат и мештаните од Пршовце, село во чиј атар е месноста каде се наоѓа изворот и чешмата.
-Во нашето село вода за пиење имаме од ноември до април кога се зема од изворите. Потоа тие количини не се доволни и се зема дополнително од река Бистрица, но никој не ја користи за пиење. Проблем во текот на тие месеци е работата на мала хидроцентрала кога чистат резервоари, па во реката се создава кал. За снабдување со вода за пиење се оди до чешмата во Пршовечка јурија, а воедно се купува од маркетите, вели Халит Јонузи од месната заедница на Пршовце.
-Јас сум 72 години и од кога памтам за себе таа вода постои и се оди таму да се полни вода затоа што се смета за добра и убава вода за пиење. Долги години претставуваше само една мала цевка излезена од земјата, пред 20 -тина години се уреди како чешма. Ние во Доброште имаме вода, ама во јули и август снемува. После се користи вода од реката ама како техничка. За пиење одиме до Пршовечка јурија, Одри или во Лешок, вели Благоја Котески.
До Пршовечка Јурија доаѓаат дури надвор од тетовскиот регион. Шабан е жител на селото Буковиќ при Општина Сарај. И неговото семејство доаѓа за да полни вода од овие чешми за која е велат дека е поквалитетна од таа што ја имаат во нивното место.
-Доаѓам еднаш месечно и полниме над 200 литри вода. Полни шишиња, поголеми балони за вода од 5/6 литри и слично. Оваа вода ја сметаме за попитка, помека од нашата, вели Шабан додека се обидува да го менаџира полнењето и затворањето на стотината шишиња.
Жителите на Теарце се меѓу оние кои мораат вода за пиење да полнат во други села, а најчесто и најмногу се оди до Одри. Водата од нивните извори и реките често пати била микробиолошки и хемиско-физички неисправна. Во 2019 година стотици жители во летниот период страдаа од дијареја и повраќање како последица на загадената вода поради присуство на бактерија ешерихија коли.
-Не ја користиме водата од чешмите за пиење. Се користи за подготовка на јадење откако прво ќе се преврие. Поради појава на песок и бигор кај многумина често пати се расипуваат машините за перење алишта и бојлерите. Затоа се оди во Порој и Одри каде се смета дека има квалитетна вода за пиење. Таму се полни во шишиња, садови и мали буриња па се носи дома за пиење, вели Емир Ќамили од месната заедница.
Селото има свои извори во планинските предели. Сепак кога има недостиг се користи и водата од реките во вододовот но токму тогаш е проблематична затоа што нема пречистителна станица.
-Поради хидроцентралите на реката се јави проблем со водата за пиење, испитана е и таа не е за пиење. Решението е вода да се зема од постоечки извори. Од постарите луѓе во селото знаеме дека има многубројни извори со кои може да се снабдуваме со огромни количини вода уште долго време. Долготрајното решение е во нов водовод од тие извори од кои директно ќе се носи водата до домаќинствата, вели Ќамили.
Селото Урвич е меѓу местата кои се наоѓаат високо на Шар Планина, односно на 1200 метри надморска височина. Сепак и тамошните жители се соочува со проблеми во водоснабдувањето.
-Потребно ни е да се изгради нов доводен систем од изворите над селото. Водоводот е стар 30 години и водата се губи поради пукнати цевки, изјави Локман Таири, претставник на месната заедница во Урвич.
Од почетокот на годината и градот Тетово се соочува со повеќекратни проблеми поврзани со водата за пиење. Во 2017 година беше пуштен во употреба новиот водоснабдителен систем што требаше да значи надминување на деценискиот проблем со недоволно количини вода. Сега во 2021 година цевките кои носат вода од планинските реки беа оштетувани поради лизгање на земјиште.
Во светски рамки, спореда податоците на Обединети Нации се смета дека секое трето лице нема пристап до безбедна вода за пиење, а две од пет лица немаат основен објект за миење раце со сапун и вода.