Се огласи Уставен за пензиите: Се уште нема одлука – кога ќе одлучиме ќе известиме
Уставниот суд соопшти дека сè уште нема донесено конечна одлука по предметот У.бр. 13/2025, кој се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – одредбата што го регулира линеарното зголемување на пензиите.

Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември 2025 година, со мнозинство гласови било изразено сомневање во уставноста на спорниот член. Постапката сега е во втора фаза, во која се бараат мислења од предлагачите и од доносителот на Законот, по што ќе следува финална одлука.
„Јавноста ќе биде известена кога предметот ќе биде ставен на седница за гласање“, наведува Судот.
Во однос на прашањата дали Уставниот суд ќе ја преиспитува законитоста на сите досегашни линеарни покачувања, од институцијата појаснуваат дека тоа нема да се случи. Судот веќе ја отфрлил иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18, кои го регулираа зголемувањето од 2.500 денари исплатено во септември 2024 и март 2025 година.
Причината, како што се наведува, е што тие одредби биле темпорални и веќе не се дел од правниот поредок, па затоа нема основ за нивно повторно оценување.






