Се подготвува резолуцијата за евроинтеграциите на СДСМ, најави Филипче
До крајот на неделата СДСМ ќе има работна верзија на декларација која треба да ги содржи црвените линии во евроинтеграциите, најави денеска лидерот на опозоциската партија Венко Филипче, посочувајќи дека иако е предизборие, политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира како ќе се продолжи понатаму во евроинтеграциите.
-Документот се изработува. Верувам дека до крајот на неделата ќе имаме една работна верзија. Ќе го прикажеме на многу чинители, сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на експертската јавност, изјави Филипче на прес-конференција во Собранието.
Филипче рече дека кога станува збор за националните, врвните државни интереси и стратешката цел на нашата земја – ЕУ, тој и СДСМ сметаат дека тоа не треба да е предмет на препукување во дневната политика.
-Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Сметам дека доколку ВМРО–ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозн пристап кон темата, а не гледам причина да немаат тогаш сметам дека ќе најдеме решение. Се што е направено во контекст на евроинтеграциите е направено во контекст на државните интереси, рече претседателот на СДСМ.
Сега, вели тој, одиме чекор напред и сакаме да постигнеме национален консензус на таа тема.
-Тоа што од нас го бара ЕУ, не го бара само Бугарија тоа е документ на ЕУ, на Брисел, практично е нешто што е резултат на бројни преговори на еден долготраен процес. Јас ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа, меѓу другото, тие на некој начин и го изразија за време на минатогодишните избори кога во тој контекст така гласаа кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО–ДПМНЕ и сметам дека таа грижа на граѓаните не треба да ја оставиме на страна, исто така сметам дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интереси, ниту е направено некакво предавство, посочи Филипче одговарајќи на новинарско прашање.