Се поправаат улиците и големиот паркинг во Маврово

Локалната самоуправа на Маврово и Ростуше започна со поправки на улиците и паркингот на плоштадот во селото Маврово.

Градоначалникот на општината, Медат Куртовски за МИА потврди дека е во тек првата фаза од проектот за подобрување на инфраструктрурата вреден 100 илајди евра.

– Од вчера започнаа градежните активности за санација, реконструкција и рехабилитација на улици и паркинг простор во селото Маврово. Со овој зафат е предвидено гребење, проширување и асфалтирање на улици и еден паркинг за возила, вели Куртовски.

Првиот човек на општината смета дека со реализација на овој проект жителите на Маврово, туристите и посетителите на овој крај ќе имаат подобри услови за престој. Според Куртовски, поправките на патната инфраструктура кон два поголеми хотели значајно ќе се подобри и тоа ќе им биде од корист на љубители на зимските спортови при користење на услугите на ски центарот.

За реализација на овој проект, Општина Маврово и Ростуше од сопствениот буџет издвои над шест милиони денари (6.032.435 денари). Градежните активности ги извршува Пелагонија АД Гостивар.

Back to top button
Close