Се потежок животот во руралните средини на крајниот Исток

 Животот и во село и во град особено во крајните делови од источниот регион станува се потежок, особено сега кога владее пандемија од светски размери. Но, и ако се тргне на страна пандемијата, како што велат земјоделците и сточарите од пехчевскиот регион, земјоделецот секогаш ќе си остане потценет. Ова го тврди земјоделецот Ѓорѓи Гоцевски од пехчевското село Панчарево, кој е дециден дека иако вистинските земјоделци отсекогаш се мачат и трудат да егзистираат од земјоделството, сепак се повеќе и повеќе од луѓето се откажуваат гледајки дека немаат вистинска егзисгтенција во оваа гранка. Доказ за ова според Гоцевски е овчарството, сточарска гранка која некогаш броела 5000, а сега брои едвај 300 овци.
– Овде луѓето се занимавааат со сточарство, поголем дел чуваат крави и овци, но овчарството како гранка исчезнува. Од сигруни извори слободно можам да кажам дека негде во 80-тите години имаше 5000 овци, а сега е прашање дали во Панчарево има уште 300 овци, велам прашање е. Луѓето се преориентираа на крави мислејки дека егзистенцијата ќе им биде полесна и подохдовна, но се покажа дека не е така, вели Гоцевски.
Меѓу најголемите проблеми кои ги имаат ја напомена цената на млекото и субвенциите кои, како што додаде, се уште ги чекаат земјоделците.
– Цената на млекото е 19 денари, единствено во една млекара во Смојмирово даваат по 20 денари за литар, субвенциите не ги пуштаат редовно, за 2018 воопшто ги нема не се пуштени, луѓето се надеваат дека ќе земат но тешко оди, додава Гоцевски.
Тој истакнува дека слична е состојбата и со житариците.- Житариците ни се катастрофа, годинава немавме доволно добри комбајни да ожнееме и искрено да ви кажам прашање е дали годинава најдовме по 300-350 килограми по декар. Во моментот иако е пред крај есенската сеидба, луѓето многу слабо имаат посеано, негде околу 100 декари во цело Панчарево, можеби нема ни толку. Обично сееме пченица и јачмен, почнаа луѓето и со пченка, имаме голема напаст на дива свиња така што и тоа не е некој рентабилен производ. Кога сееме наводно правиме математика, бидејки околу кравата има големи трошоци, од 5 до 8 килограми треба да и дадеш зоб, за да ти даде до 25 литри млеко. Зобта по 14 денари ја купуваме, а 19 денари ни го купуваат млекото, така што колку е тука математиката може да пресметате. Кога се стелни кравите даваат повеќе, потоа паѓа количината, додава Гоцевски.
И покрај тоа лично тој е задоволен од неговата работа и постигнатото во земјоделството и сточарството. Вели дека луѓето во Панчарево конкретно не се толку сиромашни, но се повеќе го одбегнуваат земјоделството и заминуваат на печалба каде без разлика на се вели дека и таму да се успее треба работа.
Во однос на животот во градот, постарите Пехчевци велат дека корната си го донесе своето и во моментот Пехчево според нив е запоставен град. Но и пред короната велат беше слично. Им недостасуваат младите за кои како што тврди пехчевецот Јован Секуловски нема работни места. Пехчево, вели тој, на времето бил помеѓу градовите со нула проценти невработеност.
– Многу малку имаме млади луѓе бидејки нема доволно вработување за нив. Претпријатија што има тоа е Фагус и ова Кит Го што вработува и нешто малку друго. А Пехчево во време на Југославија можеби беше втор град по запосленост, 2900-3000 жители имавме, а 3500 вработени. Имаме инаку дрвна индустрија, во делот на тешката индустрија не ја спомнав една босанска фирма Рефрактори и тоа е тоа. Меѓутоа тука едно време функционираа Бричките, стаклара имавме доста индустрија, сега е сведена на малку, сепак е добро и за тие што се тука и работат, истакна Секуловски.
Сепак, дециден е дека короната има удел во целата состојба и понатаму како што вели никој не знае како ќе се одвиваат работите во однос на вработувањето. Оваа паралела на животот во село и град на крајниот дел од државата вели дека доаѓа време на несигурност и очекувања за подобро утре, кое како што велат граѓаните никој не знае кога ќе дојде.

Back to top button
Close