Се претставил како инспектор, изнудил пари од жена за наводна сообраќајка, па бил фатен на граница

СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „Измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
Како што информираат од полицијата, на 11 ноември 2025 година, 72-годишна жителка на селото Буково била жртва на телефонска измама. Лице кое се претставило како полициски инспектор ѝ се јавило и лажно ја известило дека нејзината ќерка и зет предизвикале сообраќајна незгода. Под закана и лажно уверување дека е потребно итно плаќање, жената оставила 40.000 денари и 1.500 американски долари на однапред договорена локација во Битола.
Откако подоцна утврдила дека информацијата е невистинита, случајот бил пријавен во полиција, по што биле преземени истражни мерки.
Осомничениот бил лишен од слобода на 24 јануари 2026 година на граничниот премин Ќафасан, при што во целост го признал делото. Истражната постапка продолжува во надлежност на Основното јавно обвинителство Битола.
Извор: skopje1.mk






