Се расипал мамографот во Штип, снимањата ќе се одвиваат во Кочани, а резултатите ќе ги читаат штипските доктори

Поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип, жените од овој регион ќе треба да прават мамографии во Општата болница во Кочани, информираат од Министерството за здравство.
Мамографиите ќе се изведуваат во Кочани, додека пак снимките ќе ги читаат докторите во Клиничка болница Штип.
Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот, вели д-р Владко Захариев, директор на КБ Штип.
Захариев додаде дека за пациентките од другите градови од источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи и со тоа се овозможуваат мамографски прегледи на околу 100 пациентки месечно.
Директорката на Општа болница Кочани Катерина Мирчовска вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.
– Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга, вели Мирчовска.
Извор: slobodenpecat.mk






