Се распаѓа сојузот Маск–Трамп: меѓусебни обвинувања и пад на акциите на Тесла
Американскиот технолошки милијардер Илон Маск објави дека актуелниот претседател на САД Доналд Трамп се споменува во досиејата поврзани со осрамотениот финансиер и сексуален престапник Џефри Епштајн.
Ова е последниот во низата напади меѓу двајцата, чијашто врска драматично се влоши и ескалираше во јавна расправија на социјалните мрежи во последните 24 часа.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Маск напиша: „@realDonaldTrump е во досиејата за Епштајн. Тоа е вистинската причина зошто тие сè уште не се објавени. Запомнете ја оваа објава. Вистината ќе излезе на виделина“.Потоа сподели видео од Трамп од забавите на Епштајн.
Тој не понуди докази за тврдењето. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го отфрли коментарот, велејќи: „Ова е несреќна епизода од Маск, кој е незадоволен од ‘големиот, прекрасен закон’ затоа што не ги вклучува политиките што ги сакаше. Претседателот е фокусиран на донесување на овој историски закон.“
Епштајн се самоуби во затворската ќелија во август 2019 година додека чекаше судење за трговија со малолетници.
Во друга објава, Маск ги нападна царините на Трамп, предупредувајќи дека „ќе предизвикаат рецесија во втората половина од годинава“. Тој исто така повика на создавање нова политичка партија што би ги претставувала „80% од умерените“.
Маск најави дека компанијата „SpaceX“ веднаш ќе почне со повлекување на вселенското летало „Драгон“, откако Трамп се закани дека ќе ги откаже владините договори со неговите фирми. „Драгон“ е единственото американско летало што може да превезува астронаути до и од Меѓународната вселенска станица.
Расправијата предизвика пад на акциите на Тесла за околу 150 милијарди долари, со дневен пад од 14,3 отсто.
Размената на обвинувања продолжи и откако Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од Маск, кого претходно го нарече „напорен“ и тврди дека самиот го повикал да се повлече од функцијата „специјален владин службеник“, како и дека ја укинал обврската за задолжително купување на електрични возила.
„Го известив месеци однапред дека ќе го направам тоа. Тој полуде!“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Трамп изјави и дека е „разочаран“ од Маск поради неговите критики за законот за даноци, кој вклучува даночни олеснувања од неколку трилиони долари и беше донесен од републиканците во Претставничкиот дом во мај. Маск, пак, го нарече законот „одвратна грдотија“ и објави дека никогаш не му бил презентиран пред да биде изгласан „среде ноќ“.
Маск, пак, во нова објава тврдеше дека тој е заслужен за изборниот успех на Трамп. „Без мене, Трамп ќе ја изгубеше изборната трка, Демократите ќе го контролираа Конгресот, а Сенатот ќе беше 51-49 во корист на Републиканците“, напиша тој.
Ова доаѓа откако Трамп изјави дека Маск „има синдром на омраза кон Трамп“ и дека „му помогнал многу“. Во објава на Трут Соушал, Трамп рече: „Илон ми стана здодевен, го замолив да си замине, го укинав неговиот мандат за електрични возила што никој не го сакаше“.
Маск неодамна го напушти водењето на Одделот за ефикасност на владата (ДОГЕ)
Според „Скај њуз“, пред да се прошири веста, таткото на Маск изјавил дека неговиот син „не е многу добар политичар“, но дека „нема раздор меѓу него и Доналд Трамп“.