Се реконструира железничката станица во Тетово

– Железничката станица во Тетово со реконструкцијата која е во тек, треба да добие комплетно нов изглед и инфраструктура.

Јавното претријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ согласно Договорот за јавна набавка на работи објавен на Бирото за јавни набавки на фирма со седиште во Мала Речица за реконструкцијата треба да плати 7.306.558 денари (околу 120 илјади евра) и 1.315.180 денари за данок на додадена вредност (над 21 илјади евра).  Предвидени се градежни работи (како и рушење и демонтажна), електричарски работи, термотехнички работи и водоинсталатерски работи.

Договорот е потпишан на 20 мај и според обврските, економскиот оператор има 90 дена за извршување на градежните работи и реконструкцијата.

Железничката станица во Тетово е изградена 1952 година заедно со тогашното поставување на нова железничка пруга од Скопје преку Тетово и Гостивар до Кичево.

– Поврзувањето на Тетово со Скопје и Гостивар преку денешната пруга почнало во 1951 и е завршено наредната година, со тоа што е изграден објектот на железничката станица. Новата пруга е замена на старата теснолинејка (градена уште од  1916) со нова стандарна поширока железничка пруга, наведува Дарко Гавроски, на својот портал за историјата на Тетово.

Од Тетово со воз засега има две линии, една кон Скопје и една кон Кичево.

Back to top button
Close