Се санираат штетите по невремето во делчевското село Град

 Надојдени потоци, однесени патишта, уништени градинарски производи. Вака изгледа делчевското село Град по невремето кое вчера го зафати селото, а беше проследено со големи зрна град кои уништија дел од произведеното на мештаните.

Дел од оние кои ги затекнавме како ги чистат домашните градини, велат дека најмногу настрадале доматите.

-Доматите се во фаза на узревање и затоа штетата е најголема кај нив. Од она што може да се види во нашата градина оштетувања има и кај листовите од брокула и лешникот, но и кај дел од пиперот. Сега го собираме она што се наоѓа на земја, кое колку толку може да го искористиме, вели жител на селото.

На останати места како што додава друг жител на селото, забележани се и штети кај сливата и лозовите насади.

-Невремето ги зафати лозовите насади, сина слива, пипер патлиџан. Не траеше долго, но зрната град беа големи, додава уште жител на селото кој има штети од силниот град.

По невремето дел од мештаните со своја механизација работеа на санирање на дел од патот кој е однесен од силно надојдените води поради што се забележливи и огромни наноси на песок во селото.

Back to top button
Close