Се што лета не се јаде, и лилјаците имаат крилца!?
Професорот Владо Бучкоски, онака – како Владе, без неговите принадлежности и без неговиот политички и сомнителен финасиски товар, право да ви кажам, ми е симпатичен човек. Не се прави големец, на секого и пристапен, нема да те одмине без да те поздрави и изгушка, дури, верувајте, и сега – насред пандемијава. За него и коронава не е лимит!
Не тврдам дека го познавам добро, ама, се си мислам дека за неговиот биолошки, следствено на тоа и политички хабитус – се е можно. Нема лимит. Дури ниту небото! Нема што не би прифатил, нема на што не би се нафатил, нема на што не би се обидел. И до тука се е во ред.
Ако сакаме да бидеме цинични, а, како изгледа, цинизмот и шегата ќе ни бидат последната татковина, ете, Владо Бучкоски, прифати за неговиот вчерашен роденден, да добие (како подарок!) дипломатски пасош, да го прослави на говорницата на МНР. Кон честитките и подарокот на Заев, од говорницата се придружи и Бујар Османи, нотирајќи ја реченицата на самиот Бучкоски, дека е тој “нова додадена вреднос” во екипата за преговори со официјална Софија.
И дотука е во ред. Ете, се придружив и јас, му испратив роденденска честитка (со сета дрскост поради забелешките кои му ги упатувам) и однапред знаев дека ќе возврати со благодарност.
Ниту Заев, ниту Бучкоски, ниту Османи, во таа “направија” не се единствени. Помнам, некаде 2007 година, се бираше потпретседател на Собранието. Надвор од мојата пратеничка група, ги имаше доста, кои таа почесна позиција ја гледаа и во мојата маленкост. Другарот Тито одлучи поинаку, самиот гласав за неговото решение, но ниту во сон не верував дека на избраниот ќе му дошепне: “ова ти е новогодишен подарок од мене”!?
Нејсе. Во македонската политика се изнагледавме и се изнаслушавме како работите можат да се релативизираат до бескрај, како “се јаде се што лета!”. Дури и лилјаците! И тие имаат крилца, нели, и тие се летачи!? Затоа летаме кон небото, се повеќе и повеќе!
Од моето скромно искуство и учество во политиката, можам, слободно, да ви потврдам дека мојот драг пријател, Владо Бучкоски е апсолутен шампион во релативиозирањето на нештата. Ако му ги изземам веќе докажаните црни петна во печалењето пари (тука, барем кај мене не се мешаат “баби и жаби!”), за се друго, тврдам дека неговите намери не се нечесни. Тој верува во тоа што го кажува. Тој мисли дека тоа може да го направи. Тој не бира средства за да стигне до тоа за што замислил дека може да го направи.
Кога загина претседателот Трајковски, се најдовме на иста задача, во Одборот за неговиот закоп, формиран истиот ден кога и загина, или го загинаа (!), тој како претседател, јас како портпарол.За да се биде како што треба, Медо (Тозија) го испративме во Белград, до детали да проучи и донесе искуства, да ги изгледа сите филмчиња од церемонијата на закопот на Ј.Б.Тито. Останатото ви е познато.
Тогаш, во што е проблемот? Дајте му шанса на човекот нека проба. Можеби и ќе го направи тоа што замислил.
За жал, пак се враќаме на Ајнштајн, на теоријата за релативитетот. Има голем проблем. Имено, и самите властодржци во Софија, и колку Бучкоски да тврди дека му се добри пријатели, нема да веруваат во она што ќе им го кажува. И покрај сиот негов, како што вели – бекграунд, во односите со браќата Бугари.
Што ќе добиеме? Ништо повеќе од едно дежаву од интервјуто на Заев. И Владо даде едно такво интервју, ги повтори, некаде ги усоврши ставовите на Заев и толку. Лугето не веруваат во премногу арно, за многу кратко време. Тоа е добро за уши, но не и за здрав разум.
Претседателот Глигоров, раскажуваше една “дешавка”, од времето кога се делевме од братска Југославија. Побарал прием кај него генерал Аџиќ, командант на тогашната петта воена област, која ја покриваше Македонија, а, ми се чини дел од Косово. Генералот бил толку изненаден, од толку арно од Глигоров – во еден момент и за кратко време, што помислил дека е некоја замка.Го прашал нашиот Претседател, дали е тоа искрено и дали навистина ќе му дозволи да изнесат од Македонија се што ќе посакаат. Се до штекерите од касарните!?
Бидете спокојни, му кажал Глигоров, не е никаква игра и “намештаљка”, се ќе ви дадеме, дури на крајот ќе ви дадеме и едно сиктер кафе!!!
Пред деценија иоли две, имаше едно штипјанче, кое се шепуреше низ Софија – поголемо Бугарче и од самите Бугари! Да не се викаше, дури, и Гоце? Му дадоа некое ковче, лаеше против Македонија, лаеше додека на властодрците тоа им одговареше, ама кога почна да лае толку силно, што дури и ним не им одговареше, му ги симнаа сите инсигнии, го слекоа гол по гаќи и го пуштија така да се рашетува по “столицата”!
Ова како наравоучение!!!
Веле Митаноски