Се спрема ново барање за екстрадиција на Груевски

Се подготвува ново барање за екстрадиција на екс премиерот Никола Груевски, кој пред повеќе од три години избега во Будимпешта, Унгарија. Поточно, министерот за правда, Никола Тупанчевски, денеска истакна дека се разгледува ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер, Груевски, кој по правосилната пресуда за затворска казна во предметот „Тенк“, побегна во Унгарија кадешто доби азил.

Новото барање следува по пресудата за случајот „Плацеви на Водно“ со која Груевски беше осуден на казна затвор од 7 години.

Неодамна, од Министерството за правда, на прашањето од „Фокус“, кога последен пат испратиле барање за екстрадиција на бегалецот, ни одговорија дека последното дополнување на барањето за екстрадиција е испратено на 13 јуни 2019 година.

Кон крајот на минатата година пак на Груевски му истече азилот од три години, но од Унгарија официјално не го информираа Министерството за правда за сегашниот статус на бегалецот, односно дали донеле одлука за продолжување на азилот.

Груевски, во 2018 година, откако претходно си ги испразни банкарските сметки, со 120.000 евра, избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Рутата за бегство му беше преку Албанија, Црна Гора и Србија, со крајна дестинација Унгарија.

Back to top button
Close