Се укинува вакцинален сертификат за влез во трговските центри, смс за трета доза ќе стигне на телефоните на ризичните групи  

Комисијата за заразни болести по одржаната редовна седница препорача да се укине приложувањето на сертификат за вакцинација за влез во трговските центри и во местата каде не е задолжително носење маски. За понатамошно укинување на другите мерки, клучно ќе биде колкав е опфатот на вакцинацијата, па затоа Министерството за здравство почнува кампања да закажува термини за трета доза вакцина за лицата со коморбидитети. Со смс порака тие ќе бидат известени за пунктот и времето каде што ќе може да се вакцинираат со третата доза, пренесе Слободен печат.

Директорот на Институтот за јавно здравје, професор доктор Шабан Мемети, за Утрински брифинг изјави дека епидемиолошката состојба во државата се карактеризира со намален број регистрирани инфекции од 39.5 проценти споредено со минатата недела. Просечниот број на позитивни од направени тестови е 18 проценти што укажува дека се намалува бројот на позитивните, исто како што се намалува и бројот на смртните случаи.

-За разлика од претходната недела смртноста е намалена за 45 проценти. Исто така и факторот на преносливост на вирусот е 0.7 што значи дека преносливоста се намалува. Во болниците се лекуваат 420 пациенти, што е намалување од 30 проценти споредено со претходната недела, рече доктор Мемети.

Според него, Комисијата за заразни болести ќе препорача намалување на рестриктивните мерки, но со задршка и претпазливост, да не се врати како бумеранг таквото намалување на рестрикциите и да не резултира со голема смртност и хоспитализации.

-Мерките ќе се намалуваат постепено во зависност од епидемиолошката состојба во земјата. Моментално сме во насока на намалување, ама потребна е голема претпазливост, посочи доктор Мемети.

Запрашан зошто во државната лабораторија на Институтот не тестираше поголем број на пациенти суспектни на ковид 19, па граѓаните беа приморани да се тестираат поскапо во приватните лаборатории, доктор Мемети истакна дека тоа е правено по концепција на Министерството за здравство и на Мој Термин, кои одредуваат колку тестирања ќе одобрат во секоја установа.

-Мој термин прави концепција на кои лаборатории ќе треба да направат тестови. Во најтешките моменти од кризата правевме 1500 тестови дневно со капацитет да стигнеме до 3000. Мој термин кажува колку тестови треба да се направат. Ние имаме капацитет, но Мој Термин и МЗ не дозволија повеќе тестови во одредени дијагностички центри во ИЈЗ. Моментално лабораториите за микробиологија и вирусологија имаат капацитет да прават 2 до 3 илјади тестови дневно, но кај нас се прават последните две недели околу 450 тестови дневно, рече Мемети.

Back to top button
Close