Се уредува јавниот простор во Карпош 1

Општина Карпош информира дека почнаа теренските активности за уредување на јавниот простор во Карпош 1, на улицата „Иван Аговски“ меѓу зградите со број 8 и 10.

На овој потег се предвидува садење на нова трева, на површина од 1.300 квадратни метри. За одржување на зеленилото и негова поголема функционалност, ќе се постави и нов систем за наводнување. Дополнително, хортикултурно ќе биде облагороден овој дел со садење на нови украсни растенија. Механизацијата веќе работи и на новото детско игралиште, кое ќе овозможи рекреација и дружба за најмладите сограѓани.

– Со овие маалски центри, сакаме секоја урбана заедница/населба да добие свое јадро, место за рекреација, поминување на слободното време, организирање на настани, партија шах и сл. Токму минатата година, го ресетиравме и Меморијалниот турнир „Сокол“ кој е симбол на маалската дружба во Карпош 1, рече градоначалникот Стефан Богоев при денешната посета на населбата.

Неодамна целосно беше уреден и делот спроти Драмски театар, во Карпош 2, каде беше засадена нова трева, поставен систем за наводнување, а се монтираше и нова урбана опрема (клупи и корпи за отпадоци).

Паралелно се работи и на новиот спортско – рекреативен центар во Карпош 3, во дворот на Основното училиште „Лазо Трповски“.

Back to top button
Close