Се урна дел од таванот во салата на Центарот за култура во Битола – настаните откажани

Дел од таванот се урна во големата сала на Центарот за култура во Битола, простор каде што редовно се одржуваат концерти, културни настани и кино-проекции. За среќа, во моментот на инцидентот немало публика или настан во салата.

Според информациите од установата, оштетувањето било забележано претходниот ден, по што биле отстранети десетина иверици од таванот за да се спречи поголема опасност.Според директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, веќе се бараат компании кои ќе помогнат во санацијата и дека поправките треба да започнат во наредните денови.

По првичните проценки, проблемот најверојатно настанал поради дотраеност на конструкцијата, а не поради прокиснување на покривот. И во минатото имало слични проблеми со плафонот, но тогаш се вршеле само делумни санации.

Поради безбедносни причини, сите настани во големата сала се привремено откажани, вклучувајќи кино-проекции и најавен хуманитарен настан.

Центарот за култура во Битола е изграден во 1980 година, а објектот во последните години се соочува со повеќе инфраструктурни проблеми кои бараат поголема реконструкција.

Back to top button
Close