Се урна станбена зграда во Пакистан, загинаа 16, а повредени се 20 луѓе
Станбена зграда се урна денеска во пакистанскиот пристанишен град Карачи при што загинаа 16 лица, а повеќе од 20 се повредени. Спасувачки екипи трагаат по преживени во зградата во која живееле околу 100 лица, јави ДПА.
Градоначалникот на Карачи, Муртаза Вахаб Сидики, соопшти дека досега е потврдена смртта на девет мажи, шест жени и едно дете, но се стравува дека бројот на настрадани може да се зголеми.
Локалните медиуми емитуваа слики од урнатата зграда, која властите претходно ја прогласиле за небезбедна за живеење.
Безбедносните прописи за згради често се игнорираат во Пакистан, што доведе до неколку вакви несреќи во минатото во Карачи.
Градот со над 20 милиони жители е познат по својата широко распространета нелегална градба, нестандардни згради и застарена инфраструктура. Се проценува дека во Карачи има повеќе од 300 небезбедни станбени згради.