Сè уште не е ставен под контрола пожарот во југоисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина
Во моментов силни копнени и воздушни сили водат огромна битка со огнените јазици, главно меѓу куќите. Интервенираат 130 пожарникари со пет пешадиски тима, 41 возило. За гаснење од воздух на располагање се 12 авиони и 12 хеликоптери од кои два се за координација, информираше попладнево портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис за пожарот во југоисточниот дел на областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот што избувна во 12.45 часот по локално време е на околу 50 километри од центарот на Атина, во приморскиот дел на Атика, а поради опасноста, од бројот 112 за итни случаи беа испратени три пораки преку кои беше побарано до сите оние кои се во близина, да се евакуираат.
Од грчката полиција во 40 случаи интервенирале за евакуација на граѓани, а во гаснењето на пожарите, како што информираше Ватракојанис, помагаат пожарникари волонтери со возила, како и цистерни од општините.
Паралелно три возила на брзата помош заедно со три мотори се во поширокиот регион за евентуална помош, без засега да биде потребна интервенција.
Во состојба на готовност се и два патролни брода на крајбрежната служба, како и девет приватни чамци што се распоредени во морскиот дел непосредно до крајбрежјето за доколку биде потребна евакуација на граѓани.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција посочи дека процената на штетите ќе се изврши откако ќе биде изгаснат пожарот.
Неофицијално, досега најмалку три куќи претрпеа сериозна материјална штета.
Според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео пожарот е „видлив“ и од геостационарниот сателит Метеосат-12, при што чадот стигнал на далечина од околу 180 километри југозападно и се наоѓа над морската област кај островот Китира.