Се враќаат на работа вработените во училиштата, судовите, ДИК, кои беа ослободени во текот на епидемијата

Владата на денешната седница донесе одлука неколку категории на вработени кои се ослободени од работни обврски во текот на епидемијата со ковид-19 да се вратат на работа.

Една од тие категории се вработените во училиштата, кои беа ослободени бидејќи имаат деца до 10 години

„На оваа своја седница, Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности – родителите на деца до 10-годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена“, соопштија од владата.

Други кои се враќаат на работа се вработените во институциите каде има зголемен обем на работа поради претстојните избори.

„Институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период“, гласи одлуката на владата

Back to top button
Close